Иван Драгниќ, еден од српските државјанин, кој беше уапсен во голема полициска акција во Србија, за пет тони марихуана, а за кои сомнежот е дека е внесена од Македонија, има фирма во Скопје, односно е косопственик со уште тројца Срби.
Станува збор за фирмата АЛПХАПХАРМ ГРОУП ДОО Скопје, која е основана во 2023 година, со основна главнина од 529.050 евра. Компанијата, е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.
Според податоците од Централниот регистер, косопственици на фирмата се Иван Драгниќ, Предраг Брковиќ, Роберт Живковиќ и Јована Мијаловиќ.
Сепак, од податоците се заклучува дека на фирмата не и одело толку добро, бидејќи работи со загуби.
Последните податоци се за 2024 година, кога фирмата пријавила загуба од над 8 милиони денари.
,,Фокус” дојде и до податок дека на 16 април 2024 година, во Службен весник било објавено дека оваа компанија добила согласност за одгледување на канабис за медицински цели.
Како што вчера информираа српските истражни органи, по план на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогата преку државната граница до магацин поврзан со семејството Спасојевиќ, од каде што осомничениот Урош Младеновски ја преземал за понатамошна продажба на српскиот пазар. Според официјалните податоци, станува збор за точно 5.002.079,18 грама марихуана, што оваа заплена ја прави најголема во историјата на Србија.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека станува збор за најголемата заплена на дрога досега во земјата, нагласувајќи дека акцијата претставува рекорд во историјата на српската полиција. Според официјалните податоци, претходниот рекорд изнесувал 1.960 килограми, додека во текот на целата мината година во Србија биле запленети вкупно 6,1 тон различни наркотични супстанци.









