Македонија во 2024 година имала 20,1 професионален судија на 100.000 жители, покажуваат најновите податоци на Евростат. Иако земјата е над просекот на Европската Унија, бројот на судии бележи континуиран пад во последните години.
Во споредба со 2019 година, кога имало 24,3 судии на 100.000 жители, бројот е намален за повеќе од четири судии. Сличен тренд е забележан и во Европската Унија, каде просекот се намалил од 17,7 судии на 100.000 жители во 2014 година на 15,7 во 2024 година.
Меѓу земјите членки на ЕУ, најголем број судии на 100.000 жители имаат Хрватска (43,3), Словенија (40,2), Луксембург (36), Бугарија (35,4) и Романија (35,3). На спротивниот крај се Ирска со 3,6 судии, Австрија (4,3), Шпанија (6,2), Чешка (6,7) и Италија (7,9).
Во регионот, највисок сооднос има Црна Гора со 42,49 судии на 100.000 жители, пред Србија (40,18), Бугарија (35,37), Грција (26,06), Македонија (20,15) и Турција (16,66). За Албанија и Косово нема достапни податоци за 2024 година.
Податоците покажуваат дека жените доминираат во судството во поголемиот дел од Европа. Во Македонија, 61,4 отсто од професионалните судии се жени. Во регионот најголем удел на жени судии има Грција со 75,5 проценти, следуваат Србија (73 проценти), Босна и Херцеговина (64,8), Бугарија (64,4), Црна Гора (63,3) и Албанија (55 проценти).
На ниво на Европската Унија, најголем удел на жени судии има Словенија, каде тие сочинуваат 81,4 проценти од вкупниот број професионални судии, додека Германија е меѓу ретките земји со речиси целосен родов баланс.
Според дефиницијата на Евростат, професионални судии се платени правни професионалци овластени да постапуваат по граѓански, кривични и други предмети и да донесуваат судски одлуки, додека во оваа категорија не се вклучени судиите-поротници.






