Европската комисија (ЕК) избегна директно да го коментира предлогот на лидерите на Албанија и Србија за интеграција во ЕУ на земјите кандидати без право на глас/вето, без комесари и пратеници во Европскиот парламент (ЕП), но со пристап до единствениот пазар на ЕУ и до Шенген-зоната. Наместо тоа, Комисијата го реафирмираше својот ангажман приемот на аспирантските земји да се одвива според постојните правила за целосно членство, во согласност со важечките прописи.
Портпарол на ЕК изјави за Zhurnal.mk дека за актуелната Европска комисија, предводена од претседателката Урсула фон дер Лајен, проширувањето на ЕУ „е клучен приоритет“ и „едно од најмоќните средства на ЕУ за стабилност, безбедност и заеднички просперитет“.
„И ние сме целосно посветени проширувањето да стане реалност. За таа цел, ги поддржуваме земјите во процесот на проширување со сета неопходна политичка, економска и техничка помош. Постепената интеграција веќе носи конкретни придобивки и пред самото членство“, додаде портпаролот, одговарајќи на прашање во врска со предлогот на албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, објавен во германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (FAZ) во саботата.
Еди Рама и Александар Вучиќ ги повикаа 27-те земји членки на ЕУ на, како што го нарекоа, „забрзана интеграција“ на земјите од Западен Балкан во европскиот блок, без право на вето, без членови во Европската комисија и без места во Европскиот парламент.
Двајцата лидери наведоа дека таква опција за членство во ЕУ би им овозможила на земјите кандидати од регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) интеграција во внатрешниот пазар на ЕУ и во Шенген-зоната за слободно движење на луѓе и стоки.
„Ова може да донесе опипливи придобивки за граѓаните, а во исто време да ја зајакне економската и геополитичката позиција на ЕУ без да ја оптовари архитектурата на одлучување на Унијата и без да го промени нејзиниот институционален баланс. Тоа не би значело ниту право на вето, ниту дополнителни комесари, ниту членови на Европскиот парламент, ниту промени во структурите на гласање“, пишуваат Рама и Вучиќ.
Денеска една пратеничка од Црна Гора, од главната владејачка партија на премиерот Милојко Спајиќ, како и еден опозициски пратеник во Албанија, го отфрлија предлогот на Рама и Вучиќ. //Zhurnal.mk








