7.8 C
Skopje
24 December, 2025

Мапа

независен информативен портал
spot_img
HomeМакедонијаЕвропска Комисија: Одлуката за прекин на средствата од третиот квартал во рамките...

Европска Комисија: Одлуката за прекин на средствата од третиот квартал во рамките на ИПАРД не подразбира суспензија на целокупната програма

- Advertisement -spot_img

„Европската Комисија одлучила да го прекине последното барање за исплаќање за третиот квартал од 2025 година поднесено во рамките на ИПАРД 3 програмата“, вака од Делегацијата на ЕУ во земјава за „Локално“ го пренесуваат ставот на ЕК. Сепак, додаваат дека оваа одлука на Комисијата не подразбира суспензија на целокупната програма.

Во одговорот стои дека Европската комисија е свесна за истражните активности што ги спроведуваат македонските власти по сомневања за потенцијална корупција од страна на високо рангиран функционер во рамките на Агенцијата за ИПАРД.

-Бидејќи се работи за парите на даночните обврзници на ЕУ, очекуваме властите на Република Северна Македонија да продолжат да го сфаќаат ова прашање многу сериозно.
Националниот службеник за авторизација на Северна Македонија (НАО) одлучи да ги суспендира сите плаќања во рамките на ИПАРД 3 програмата 2021-2027 од 7 ноември 2025 година до понатамошно известување.

Со оглед на сегашните околности, Комисијата ја надополнува оваа национална одлука и, како стандардна превентивна мерка, одлучи да го прекине последното барање за плаќање за третиот квартал од 2025 година поднесено во рамките на ИПАРД 3 програмата. Оваа одлука на Комисијата не подразбира суспензија на целокупната програма, додаваат од Европската комисија во мејлот испратен преку Делегацијата на ЕУ.

Се истакнува дека Комисијата одржува редовна комуникација со НАО и со одговорните национални власти за напредокот во тековната проценка на ризиците и потребните корективни мерки.

-Комисијата е подготвена да продолжи да ги поддржува земјоделците, земјоделско-прехранбениот сектор и руралните области во Северна Македонија, под услов финансиските интереси на Европската Унија да бидат соодветно заштитени, додаваат од европските институции.

„Локално“ праша и за повикот на опозициската СДСМ за европската главна истражителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија и да се запознае со злоупотребите на европските фондови, но на тие прашања дали се планира нејзино вклучување, не добивме конкретен одговор.

Ваквиот став следува по корупциската афера во која главен осомничен е екс-директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, по што земјава донесе одлука за времен прекин на исплатите на парите од програмата. Обвинителството оформи предмет и го сомничи Стоилев примил ветување за поткуп од 50.000 евра од управител на приватно правно лице, под услов да потпише договор за користење на финансиски средства од ИПАРД програмата иако фирмата не ги исполнувала условите од јавниот повик. Вкупно пет лица се под истрага и во притвор.

Од Министерството за земјоделство пред два дена соопштија дека на состаноците со претставниците на ЕК било најавено преземање дополнителни контроли во делот на веќе завршените предмети. Тврдеа дека по завршувањето на проверките и контролите од страна на надлежните институции, реализацијата на ИПАРД III програмата ќе продолжи без застој.

-Напоменуваме дека Македонија останува посветена на искористување на фондовите, во таа насока говори и фактот дека во моментов во регионот во реализација на ИПАРД III програмата, имаме искористеност од 7,3%, што е добро во опкружувањето, веднаш после Турција. Ниту еден земјоделец нема да биде загрозен во однос на користењето на средствата од ИПАРД III програмата, рекоа од ресорот предводен од министерот Цветан Трипуновски.

Претходно од СДСМ соопштија дека ЕУ ја суспендирала исплатата на средства од ИПАРД 3 програмата и рекоа дека причината за ваквата одлука е корупција и злоупотреба на европски пари од страна на актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ обвинија дека власта повеќе од десет дена не ја информира јавноста за одлуката на ЕК, додавајќи дека, според нив, станува збор за сериозен удар врз земјоделството и агробизнис секторот. Тие предупредија дека земјоделците и компаниите кои планирале или веќе започнале инвестиции преку ИПАРД 3 може да останат без финансиска поддршка.

Во ИПАРД 3 програмата за периодот од 2021-2027 година, вкупниот фонд изнесува 128 милиони евра. Од оваа сума, 97 милиони се европски пари, додека 31 милион евра се национално кофинансирање. Досега се затворени 5 повици вредни 65 милиони евра. Македонија од ЕК уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img