Патниците кои летаат во рамките на Европската Унија наскоро ќе можат да сметаат на поголема заштита и појасни правила при патување со авион. Европскиот парламент усвои пакет измени со кои се зајакнуваат правата на патниците, а меѓу најзначајните новини се бесплатниот рачен багаж, задржувањето на правото на финансиски надомест за доцнења и укинувањето на дел од спорните практики што ги применуваа авиокомпаниите.
Мерките сè уште треба формално да бидат одобрени од Советот на Европската Унија, по што се очекува да почнат да се применуваат од почетокот на 2027 година, објави 4news.mk
Една од најважните новини е тоа што патниците ќе продолжат да имаат право на паричен надомест доколку нивниот лет доцни три часа или повеќе. Надоместокот ќе изнесува 250 евра за пократки летови, 300 евра за летови подолги од 3.500 километри со доцнење од три до четири часа, додека за доцнење подолго од четири часа или за откажан лет ќе може да се добијат до 600 евра.
Исклучок ќе бидат ситуациите кога доцнењето е предизвикано од вонредни околности, како што се природни непогоди, воени конфликти, екстремни временски услови или штрајкови на аеродромскиот персонал.
Со новите правила, секој авионски билет ќе мора да вклучува едно парче рачен багаж и еден личен предмет, како ранец или мала торба, без дополнителна наплата. На овој начин ЕУ има цел да ја ограничи практиката на наплата за основен багаж, која во последните години беше чест извор на незадоволство кај патниците.
Дополнително, авиокомпаниите ќе бидат обврзани бесплатно да обезбедат заедничко седење за родители или придружници со деца до 14-годишна возраст, како и за лицата со попреченост и нивните придружници.
Се укинува и правилото според кое патникот го губеше правото на повратен билет доколку не го искористеше појдовниот лет. Во иднина авиокомпаниите нема да смеат да одбијат патник да се качи на повратниот лет само поради тоа што не патувал во првиот правец.
Предвидени се и дополнителни права во случај на подолго чекање. Патниците ќе имаат право на освежување по секои два часа, оброк по три часа и потоа на секои пет часа, бесплатен пристап до интернет и два телефонски повици. Ако доцнењето бара ноќевање, авиокомпанијата ќе мора да обезбеди хотелско сместување и превоз до него.
Новите правила ќе овозможат и бесплатна исправка на грешки во името на билетот, доколку патникот ја пријави грешката најмалку 48 часа пред полетувањето.
Европскиот парламент ги усвои измените со убедливо мнозинство – 646 пратеници гласаа „за“, 12 беа „против“, а тројца беа воздржани. Целта на реформите е да се воспостават појасни обврски за авиокомпаниите и повисоко ниво на заштита на патниците во услови на сè почести дополнителни трошоци за услуги што порано беа дел од основниот авионски билет.






