Пентагон подготвува нова нуклеарна стратегија со цел да се подготви за одговор на потенцијални напади од Русија или Кина – изјавија денеска за телевизијата Ен-би-си (NBC) извори од американското Министерство за одбрана запознаени со прашањето.
Високорангиран претставник на Министерството за одбрана изјави за Ен-би-си дека ставот на Пентагон е дека на Соединетите Американски Држави „им се потребни кредибилни нуклеарни опции“. Според изворите, стратегијата е осмислена да ги покрие сценаријата во кои американските сојузници се мета на напад од Русија или Кина во рамки на регионален конфликт.
Претставникот нагласи дека новата стратегија би ги зголемила нуклеарните опции на американскиот претседател Доналд Трамп за време на кризи „со тоа што ќе му обезбеди реални и кредибилни опции и на тој начин ќе ја зајакне силата на одвраќањето“.
Стратегијата, која ја надгледува шефот на политиката на Пентагон, Елбриџ Колби, би ставила поголем акцент на тактичкото нуклеарно оружје со краток дострел во случај на регионална војна, наместо да се потпира на стратешки ракети со долг дострел. Колби долго време се залагаше за тактичко нуклеарно оружје – со помали боеви глави и краток дострел, дизајнирани за употреба на бојното поле или против конкретни воени цели, а не против цели градови.
Тој тврдеше дека постојната американска нуклеарна доктрина нема кредибилитет, бидејќи во голема мера се потпира на закана со лансирање стратешко оружје со долг дострел кое е способно да ја уништи целата нуклеарна сила на противникот.
– Ако навистина сакате продолженото одвраќање да биде кредибилно, морате да му обезбедите на политичкото раководство на земјата нуклеарни капацитети за кои здравиот разум укажува дека навистина би можеле да ги користите. Во спротивно, ги намалувате можностите на нашето раководство на екстремни избори што противникот нема да ги смета за кредибилни, а тоа нема добро да помине како средство за одвраќање – изјави високиот претставник на Министерството за одбрана.
Висок помошник во Конгресот, кој е запознаен со предлогот за новата стратегија за нуклеарно вооружување, изјави за Ен-би-си дека е „тешко да се замисли студија што е повеќе во согласност со ставот што го изнесе претседателот Трамп“ – дека нуклеарното одвраќање на САД „повторно треба да стане големо“.
– Тој очигледно сака повеќе опции и можности, а не помалку – додаде помошникот во Конгресот.
Ниту едно нуклеарно оружје во светот не е употребено во конфликт откако САД ги фрлија атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки во 1945 година, со што Јапонија беше принудена на капитулација и беше ставен крај на Втората светска војна.






