Се пееше, се играше, се рецитираа стихови, а се случи и запросување… Двата концерти на сцената на Македонскиот народен театар, на дуото Драган Спасов –Дац и Александар Митевски, ги надмина очекувањата на дамите во публиката за кои всушност беа и наменети. Тие беа, велат припадничките на понежниот пол, најдобар осмомартовски подарок
Музика која го полни срцето и ја грее душата, многу емоции и дружење кое се памети и за кое долго се зборува. Актерот Драган Спасов -Дац и композиторот Александар Митевски, заедно со своите гости, на 6 и 7 март по повод Денот на жената, ги распослаа срцето и душата на сцената, а публиката возврати со многу емоции. Се пееше, се играше, се рецитираа стихови, а се случи и запросување…
Двата концерти на сцената на Македонскиот народен театар, на дуото кое ни ги разубавуваше тмурните денови во време на короната со своите хитови, ги надмина очекувањата на дамите во публиката за кои всушност беа и наменети. Тие беа, велат припадничките на понежниот пол, најдобар осмомартовски подарок.
Музичката магија започна уште во фоајето на МНТ каде публиката беше пречекана со музика од диџеј Миле Ѓуриќ, за да продолжи во салата со двочасовна забава каква што ретко се доживува и во која не недостасуваа и диско кугла и конфети…
Бројните хитови и евергрини кои беа изведени на сцената како „Црвени рози за вас мадам“ на Томислав Маниќ, „Чардаш“ и „Оливера“ на Балашевиќ,„Кажи нешто драга“ на Мијалковски, „Пушти коси“ на Зијан… беа само вовед во магичната ноќ во која се пееше, се танцуваше, се рецитираше, се споделуваа емоции и љубов…
Во својот „дом“ на сцената на МНТ – во стилот на барок, и исполнета со предмети кои будат носталгија, овие две вечери Александар и Дац ги поканија своите гости и публиката на дружба каква што само тие можат да приредат. Ако на сето ова се додаде дека на сцената имаше извонредни музичари од бендот „Дрим тим“, тогаш е сосема разбирливо што публиката речиси во текот на целиот концерт пееше, играше и беше на нозе.
Присутните во салата пејеа заедно Александар и Дац, со Росана Сариќ -Тодоровска и Виолета Томовска кои ги пејеа „Признавам“ и „Молитва“, настапи и Билјана Ѓошева со „Воли ме, сакај ме“, се нижеа „Цреши охридски “,„Срце тетовирано“ , „Корона чао“, „100 посто фанки“, „Душа бакшиш“, „Еднаш човек живее“, „Четири страни“, „Уште ми фалиш“, „Љуби ме“… Публиката ги слушна сите приказни кои стојат зад овие безвременски нумери раскажани од Дац и Александар, чие долгогодишно пријателство ја создаде и оваа музичка приказна која ќе се памети.
Директорот на МНТ Никола Кимовски, пак, оваа вечер беше во улога на тапанар при изведба на „Уште ми фалиш“ на бис. Гости беа и децата од хорот на „Златно славејче“, кое ја изведе „Секој ден е 8 Март“, а на крајот им подарија каранфил на дамите во публиката. На сцената се појавија и сопугите на Дац и Александар, а се случи и запросување од страна на гитаристот Иван кој ја побара за жена младата поп-пејачка Тијана Периќ, а таа се согласи…
Овие две вечери, сите граници меѓу сцената и публиката исчезнаа. Сите беа едно.
По концертот забавата продолжи у во фоајето со коктел, музиката на Боби Јоргушевскии и дружењето со Дац и Александар.
Но забавата не завршува тука, тие подготвуваат уште еден концерт, музички настан на 18 јуни, со кој ќе биде отворена летната сцена на МНТ „Синиша Кајевски“.








