Метеор кој се движел со брзина од неколку десетици илјади километри на час предизвика силен тресок и тресење на тлото, кое вчера попладне беше почувствувано ширум американската сојузна држава Масачусетс.
Американската вселенска агенција (НАСА) потврди дека над оваа држава, во 14:06 часот по локално време, пролетала огнена топка, односно исклучително сјаен метеор. Според проценките на експертите, тој се движел со брзина од околу 120.000 километри на час, а при неговото распаѓање била ослободена енергија споредлива со експлозија на приближно 300 тони ТНТ.
Од НАСА појаснуваат дека небесното тело не е поврзано со ниту еден моментално активен метеорски рој, туку дека станува збор за спорадичен природен објект, отфрлајќи ги можностите за вселенски отпад или пак пад на вештачки сателит.
„Се чини дека метеорот се распаднал на висина од околу 64 километри над североисточниот дел на Масачусетс и југоисточниот дел на Њу Хемпшир“, соопштија од НАСА.








