Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес најави дека ќе претстави предлог за заштита на децата од влијанието на алгоритмите на социјалните мрежи за време на нејзиниот говор за состојбата на Унијата на 16 септември.
„Не мораме да прифатиме детство обликувано од алгоритми. Не мораме да прифатиме систем што ги остава нашите деца незаштитени. Европа има моќ да дејствува“, изјави Фон дер Лајен во објава на платформата „Икс“, пренесува „Ројтерс“.
Во говорот одржан во мај, Фон дер Лајен повика на поголема заштита на децата од она што таа го нарече „дизајн што предизвикува зависност“ кај платформите за социјални медиуми како „ТикТок“, „Мета“, „Икс“, притоа отворајќи ја можноста за воведување старосни ограничувања за нивно користење од страна на тинејџерите, пренесува „Танјуг“.






