HomeМакедонијаДури 15 години, 100% воен инвалид од конфликтот во 2001, чека одговор...

Дури 15 години, 100% воен инвалид од конфликтот во 2001, чека одговор од владина комисија за стан: Не барам милост, барам тоа што ми следува по Устав

- Advertisement -spot_img

На само 22-години, скопјанецот П.С., во 2001 година, бил на првата борбена линија во Арачиново, во одбрана на татковината од воен напад на терористичка организација. Бил тешко повреден од гранати и оттогаш живее со 100% инвалидитет. Иако тој веднаш се одзвал на воениот повик на државата, сега таа со години не го гледа, ниту слуша. Надлежните државни органи цели 15 години не му го остваруваат правото кое со закон го следува, односно тој, неговата соопруга и трите малолетни деца, да добијат станбено згрижување.

-Од 2010 година мојот сопруг има активен предмет за станбено згрижување пред Комисијата за станбени прашања. Уште во 2010 година му било кажано дека барањето ќе биде разгледано „на некоја од следните седници“. Петнаесет години подоцна, ние сè уште немаме конечна, писмена и образложена одлука, вели неговата сопруга.

Таа истакнува дека ова не е прашање на добра волја, туку ова е прашање на Устав и закон.

-Член 36 од Уставот вели дека државата им гарантира посебни социјални права на воените инвалиди и на нивните семејства. А Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили предвидува дека лице како мојот сопруг има право на приоритет при добивање стан под закуп, на неопределено време и со повластена закупнина. Тоа не е привилегија. Тоа е законска обврска на државата.

Во овој случај, државата не обезбеди стан, вели сопругата.

Таа раскажува дека во 2003 година им бил даден привремен монтажен објект – барака, но во поплавата во 2008 година во Стајковци, бараката станала руинирана, небезбедна и невселива.
-И самото АДССДП во своите одговори потврди дека објектот е во многу лоша состојба, руиниран, запуштен, со искршени врати и прозорци, обраснат со трева и без услови за живеење, а дека не носи одлуки за доделување станови, туку тоа е надлежност на Комисијата за станбени прашања. Тоа значи дека АДССДП знае дека објектот не е за живеење, а Комисијата знае дека мора да одлучи — и сепак решение нема. Ова не го велам само јас. Ова е службено потврдено, истакнува сопругата.

ИТНО ПОСТАПУВАЊЕ БАРА И НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

За овој случај се заинтересирал и Народниот правобранител, и овој предмет е дел од официјалниот годишен извештај за 2025 година. Во извештајот се наведува дека станува збор за случај на лице со 100% воен инвалидитет, кое со семејство и малолетни деца, повеќе од 15 години чека одговор од Комисијата за да му се обезбеди соодветно, безбедно и трајно сместување. Во истиот извештај се наведува дека, и покрај интервенциите и ветувањата дека предметот ќе биде разгледан, до крајот на 2025 година тоа не било сторено. Народниот правобранител изрично укажува и дека Комисијата во вакви случаи најчесто дава формални одговори, наместо вистинско решавање.

Потоа, на 23.02.2026 година, Државниот управен инспекторат официјално утврдил дека Комисијата не постапила и дека предметот не бил ставен на дневен ред.

-Тоа значи дека не само што нема одлука — туку службено е утврдено дека по предметот не било ни одлучувано. И по овој инспекциски наод, наместо конечно решение, добиве само ново „известување за статус“, вели сопругата.

Но таа истакнува дека најтешкиот дел од нивната животна приказна не е само молкот од институциите, туку тоа што ги соочиле со дополнителни трошоци и ги дале на извршител. Поточно иако од 2008 година не живеат во бараката, бидејќи нема основни услови, сепак им стигнуваат сметки за закупнина.
-Најтешкиот дел е што паралелно со овој молк, државата дозволила или одржувала и извршни постапки за закуп за нешто што не е дом, туку руинирана барака. За нас тоа не беше „само постапка“. Тоа беше понижување. Затоа што тие извршувања не одеа врз некаква споредна сметка, туку врз мојата единствена сметка на која примам воена инвалиднина и сродни примања. Откако ќе укажеме дека станува збор за примања по основ на воена инвалидност, сметката била деблокирана — но претходно сме плаќале и трошоци за блокада и деблокада без своја вина. Тоа не е само финансиски притисок. Тоа е удар врз достоинството на човек кому државата по Устав треба да му даде заштита, а не да му ја одзема и последната сигурност, вели револтираната скопјанка.

Затоа, како што додава, оваа порака е директно и по име за оние што треба да ја слушнат.
-Ова се однесува на Комисијата за станбени прашања при Владата, која со години не донесува конечен акт.
Ова се однесува на АДССДП, кое потврдува дека објектот е руиниран, а системот и понатаму произведува побарувања и последици.
Ова се однесува и на целиот институционален ланец што знаел за случајот — од надлежните органи, до оние што примале ургенции, извештаи и наоди — и сепак дозволил едно лице со 100% воен инвалидитет да остане заглавено помеѓу барака што не е за живеење, предмет без исход и извршувања за закуп.

И тука е јавниот интерес.
Затоа што ова веќе не е само личен проблем.
Ова е прашање дали државата ги почитува сопствените закони кога пред неа стои човек за кого Уставот вели дека има посебна заштита, за кого Законот вели дека има приоритет за стан под закуп, за кого Државниот управен инспекторат утврдил дека не е постапено, и за кого Народниот правобранител службено кажал дека е пример на неприфатливо институционално однесување, вели нашата соговорничка.

Таа и нејзиниот сопруг велат дека има уште една работа што јавноста треба да ја знае.
-Во јавните финансиски планови и годишни извештаи на АДССДП постојат табели за „број на станови според статусот на користење“, како и за „залиха на станови“. Тоа значи дека системот има евиденции, категории и состојби. Значи, проблемот не е што државата „не знае“. Проблемот е што не одлучува.

-Не не барам привилегија. Не барам милост. Не барам политика. Барам само тоа што ми следува по Устав и по закон: конечна, писмена и образложена одлука, донесена итно, законито и достоинствено.

И барам овој случај да не се политизира. Затоа што ова не е тема за партиски поени.
Ова е тема за тоа дали државата ќе покаже дека законот важи и кога треба да важи за човек што веќе ја платил највисоката цена.

Во моето семејство, државата никогаш не била туѓа работа.
Дедо ми бил учесник во НОБ. Јас ова не го наведувам како привилегија, туку како мерка за совест: има семејства што ја граделе оваа држава во една генерација, ја бранеле во друга, а денес од неа бараат само едно — конечно да си ја исполни обврската, пишува воениот инвалид П.С.

ВЛАДА: ПОСТАПКАТА Е ВО ЗАВРШНА ФАЗА

„Фокус“ побара одговор од Комисијата за станбени прашања при Владата на прашањето зошто веќе 15 години не одлучува по овој предмет?

Оттаму ни одговорија дека постапката е во завршна фаза.

-Информирани се сите институции и од нивна страна се доставени сите неопходни документи. Во моментов се очекува одржување на седница на Комисијата за станбени прашања на која ќе се разгледа предметот и ќе се донесе конечна одлука.

Владата е посветена на законито и транспарентно постапување, а решавањето на случаи кои со години биле оставени без разрешница е јасен показател за таквиот пристап. Но како Влада ги решаваме сите наследени и нерешени состојби од минатото.

Постапката се водеше согласно законските процедури, со вклучување на сите надлежни институции и разгледување на сите релевантни аспекти, со цел да се донесе издржана и правична одлука.

По донесување на одлуката, јавноста ќе биде навремено информирана, одговорија од Владата за „Фокус“.

Одговорот од Владата го добивме во петокот, а од него се сфаќа дека седницата се оддржала истиот ден, но асегнатото семејството се уште не е информирано дали е донесена некаква одлука.

Од АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, за ,,Фокус” велат дека во 2024 година престана со фактурирање на закупнина кон лицето П. С.

-Одлуката беше донесена по иницијатива на Друштвото, врз основа на повеќекратно утврдена фактичка состојба дека предметниот објект е во лоша и неупотреблива состојба, што беше констатирано од наша страна и потврдено со записници од извршени увиди на терен.

Воедно, согласно Договорите за закуп, престанокот на обврската за фактурирање на закупнина по правило се врзува со формално завршување на договорниот однос, односно со записничко примопредавање на владението на објектот, по претходна писмена изјава од закупецот за раскинување на Договорот за закуп.

Во конкретниот случај, и покрај тоа што закупецот во повеќе наврати бил известуван за можноста и потребата да поднесе вакво барање со цел формално да се затвори договорниот однос, таква постапка од негова страна не беше иницирана во изминатиот период.

Имајќи ја предвид утврдената состојба на терен, Друштвото сепак донесе одлука да прекине со понатамошно фактурирање, независно од формалното непостапување, постапувајќи во рамки на своите надлежности и согласно законските прописи, велат за ,,Фокус”.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img