1.8 C
Skopje
2 February, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаДури 14 години не се користат пет апарати за зрачна терапија за...

Дури 14 години не се користат пет апарати за зрачна терапија за болните од рак, вредни над 21 милион евра

- Advertisement -spot_img

Повеќе од 15 години, преку набавката на медицинска опрема, се „плете“ една коруптивна приказна, а многумина функционери завршија со „рачињата во медот“. Над 200 медицински апарати, вредни преку 100 милиони евра, фаќаат прашина и скапуваат во подрумите, а пациентите умираат по болничките ходници додека им го закажат потребното снимање, па и додека чекаат резултати од истото.

Пред неколку месеци, со загрижувачки податоци на оваа тема излезе и Државниот завод за ревизија, каде што беа опфатени само три години за набавка на апарати, и тоа од 2021 до 2023 година. Во анализираниот период, за потребите на државното здравство набавена е медицинска опрема во вкупна вредност од 16,2 милиони евра финансирана со буџетски средства, со заеми и донации. Поради необезбедени кадровски и просторни услови, опрема со вредност од 13 милиони евра, и понатаму не е ставена во употреба, а опрема со вредност од 5,5 милиони евра не се користи во полн капацитет.

Во последниот извештај на ДЗР се анализира и за набавката на линеарни акцелератори, поточно апарати за зрачна терапија, кои се користат кај онколошките пациенти.

Според извештајот, од 9 линеарни акцелератори вредни 21,8 милиони евра за радиотерапија на пациенти болни од рак, пет од нив воопшто не се ставени во употреба. Два се на Клиниката за радиотерапија и онкологија, два во болниците во Штип и во Битола и еден во ГОБ „8 Септември“, иако три од нив се инсталирани пред години.

Иако се набавени акцелератори и за други државни болници, сите услуги во периодот 2021–2023 година ги обезбедувала единствено Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде што се третираат над 2.300 пациенти годишно, односно просечно се вршат околу 200 зрачни третмани на ден.

Но, проблемот со апаратите за зрачна терапија почна уште во 2012 година. Преку ресорното Министерство, на чело со Тодоров, се направија неколку тендери за набавка на акцелератори, кои чинат повеќе од два милиони евра за само еден апарат. За инсталација и набавка на еден таков апарат потребни се околу 3 милиони евра, бидејќи за да се постави, потребно е да се изгради соодветна зграда (бункер) и во неа да биде сместен апаратот.

Значи, цели 14 години, дел од акцелераторите не се инсталирани и фаќаат прашина во магацините, а и тие што конечно се инсталирани, не работат.

Ништо не беше поразлично и во времето кога министер за здравство беше Венко Филипче. Пред повеќе од четири години, тој го промовираше акцелераторот во градската болница „8 Септември“, кој сѐ уште не е пуштен во употреба. Исто така, со години се најавува и отворањето на дневната онколошка болница во стара Воена, но ни тоа никако да профункционира. И на крај, околу 90.000 пациенти на годишно ниво повторно се слеваат на скопска Онкологија.

Од друга страна, пак, апаратите за зрачна терапија во Штип и во Битола, повеќе од една деценија не функционираат. Поточно, во Штипската клиничка болница воопшто немаат добиено таков апарат.

Во 2012 година, тогашниот министер Никола Тодоров на прес-конференција истакна дека ресорното Министерство распишало тендери за набавка на 2 нови акцелератори – еден во болницата во Штип и еден во Битола, кои треба да бидат испорачани во рок од 14 месеци по склучувањето на договорот.

Тука „пука“ скандалот. Тендерите се распишани и договорите се склучени, но апаратите не се испорачани, односно и во двете болници сѐ уште не се монтирани. Проблемот е уште поголем што овие апарати не се неколку илјади евра, туку се работи за милионски суми на пари.

Според податоците на Бирото за јавни набавки, првиот тендер е распишан пред точно 14 години, во 2012 година. Договорот е склучен на 21 декември, истата година со холандската фирма „Симед Интернатионал бв“ за набавка на два линеарни акцелератори за потребите на двете клинички болници во Битола и во Штип. Вредноста на договорот е вртоглави 2,8 милиони евра.

Штипската клиничка болница е регионален центар за истокот, каде што се опслужуваат повеќе од 200.000 граѓани, кои, за да се зрачат, мора да дојдат на онколошката клиника. Таму воопшто го немаат ни видено тој акцелератор, а не, пак, да се монтира или да почне да се користи.

Е, сега тоа што е скандалозно во целата приказна е што за потребите на апаратот за зрачна терапија во Штип, кој не постои на БЈН, можат да се најдат неколку тендери за изградба на бункер, каде што ќе биде сместен акцелераторот.

Првиот тендер е на 9 септември 2013 година, бизнис-зделка тешка речиси 870.000 евра. Па така, во 2015 година се прави уште еден тендер, но сега за набавка, достава и монтажа за врати на бункер во вкупна вредност од 143.902 евра.

Како овие тендери да не се доволни, па на 6 ноември 2016 година, повторно се распишува тендер за истата намена, поточно за (изградба на бункер) во Клиничката болница во Штип, за што се потрошени уште 341.367 евра.

По две години, поточно во 2017 години, Министерството за здравство распишува уште еден тендер за инсталација на линеарни акцелератори во вкупна вредност од 740.621 евро. Тоа се само вртоглавите суми на направени тендери за апарат, кој воопшто не постои, како и бункер, кој воопшто не постои.

Од тука останува нејасно, колку пати се граделе бункерите, дали воопшто се граделе, зошто и по 13 години, пациентите никако да добијат зрачна терапија?

Со сличен проблем е и битолската клиничка болница. И таму се редат тендери, но акцелераторот не функционира, нема зрачна терапија за најтешко болните пациенти.

Дополнителен проблем за некои медицински апарати да бидат инсталирани претставува и тоа што се потребни еден куп пари, за да се обезбедат соодветни простории, бункери и реновирање на просторот каде што ќе биде сместена опремата.

Исто така, голем проблем претставува и тоа што со медицинската опрема нема кој да работи, нема обучен кадар, а нема ниту пари, ниту план за нејзино понатамошно одржување.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img