Романски борбени авиони Ф-16 беа итно ангажирани по откривање на неидентификуван дрон кој го нарушил воздушниот простор на земјата, објавија романските власти. Според претседателот Никушор Дан, дронот бил неутрализиран над ненаселена област, без опасност за цивилното население, а надлежните служби започнале истрага за да утврдат од каде потекнува леталото и како дошло до инцидентот.
Според официјалните информации, системите за воздушен надзор го детектирале дронот во близина на делтата на Дунав, по што бил активиран протоколот за итни случаи. Освен романските Ф-16, во состојба на готовност биле ставени и сојузнички сили на НАТО кои учествуваат во воздушното патролирање на регионот.
Романскиот претседател оцени дека ова е прв случај во кој Ф-16 на романското воено воздухопловство соборува дрон што навлегол во воздушниот простор на земјата. Засега не е соопштено чиј бил дронот, а властите најавија дополнителни информации по завршувањето на истрагата.
Инцидентот доаѓа во период на засилени безбедносни тензии во регионот, при што Романија во изминатите месеци неколкупати подигнуваше борбени авиони поради дронови и воздушни закани поврзани со војната во Украина.






