Разговараше: Ирена МУЛАЧКА
Пет смртни случаи и вкупно 43 потврдени од западнонилска треска во Македонија. Тоа засега е црниот исход од епидемијата, која веќе одреден период тресе неколку скопски општини, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел, Илинден, како и населените места Драчево, Пржино, Јурумлери и Кадино. Пикот се очекува да дојде на крајот на август, а во меѓувреме состојбата на терен го вклучува црвениот аларм.
Без разлика што здравствените власти секојдневно на прес-конференција информираат за билансот на заболените, ја смируваат алармантната состојба и топката на вина си ја префрлаат едни на други, сепак епидемија и се очекуваше да се случи со оглед на заднината и начинот како веќе години наназад се одвива прскањето против комарците, преносители на заразната болест.
Западнонилската треска е вирусно заболување, кое се пренесува преку убод од инфициран комарец, а за првпат во Македонија се појавила во далечната 2011 година, но затоа, пак, тигрестиот комарец во земјава се појавил во 2016 година. За сите овие 14 години, до крајот на 2025 година се потврдени вкупно 54 лабораториски случаи, а регистрирани се и пет смртни случаи од болеста.
И, сето тоа за повеќе од една деценија, а сега само за два месеца таа бројка достигна над 35 заболени и неколку смртни случаи, а што е најстрашно се очекува уште повеќе да расте до крајот на месецот.
Сепак, тоа што е алармантно е што дел од заболените и починатите воопшто не биле надвор на патување во странство, туку заразната болест ја добиле во Македонија. „Фокус“, на оваа тема поразгова и со епидемиологот, доктор Драган Даниловски, кој во детали објасни што значи оваа епидемија со западнонилска треска и кога се очекува најголемиот пик.
Која е главната причина што ситуацијата со западнонилската треска до толку ескалираше?
Ескалацијата на западнонилската треска е резултат на истовремено дејство на повеќе фактори: климатските услови, бројноста и активноста на комарците, циркулацијата на вирусот меѓу птиците и комарците, изложеноста на населението, како и навременоста и ефикасноста на надзорот и превентивните мерки.
Во сегашната ситуација, важно е да се утврди кои од овие фактори годинава имале најголемо влијание и, особено, кои од нив можеле да бидат контролирани. Природните и климатските услови не можеме да ги контролираме, но можеме да ги следиме. Квалитетот на јавно-здравствениот систем се гледа токму во тоа колку рано го препознава зголемениот ризик и што презема врз основа на тие информации.
Затоа, потребни ни се податоци за тоа дали навреме се следеле бројноста и инфицираноста на векторите (во случајов, комарците), циркулацијата на вирусот кај птиците и другите животни и кога почнале мерките за контрола на комарците во однос на појавата на првите човечки случаи.
Застрашувачки е тоа што заболените, па и починатите, не дошле сите од странство и не го донеле од таму, туку тигрести комарци има и во Македонија?
Кај нас веќе е утврдена автохтона, односно локална трансмисија на западнонилскиот вирус. Тоа значи дека дел од луѓето ја стекнале инфекцијата во Македонија, а не во странство.
Во природниот циклус на вирусот, главна улога имаат птиците и комарците. Во Европа, главни преносители се комарците од родот Culex, особено Culex pipiens и Culex modestus. Тигрестиот комарец, Aedes albopictus, исто така, може да биде компетентен вектор, но неговата улога во природната трансмисија на западнонилскиот вирус во Европа е значително помала.
Од јавно-здравствен аспект, сега е најважно да знаеме колку интензивно вирусот циркулира во локалниот екосистем „птица–комарец–птица“ и колкав е ризикот инфекцијата од тој природен циклус да преминува на човекот.
Кој ќе понесе одговорност за тоа што дојде до епидемија, што е страшно во 21 век да се враќаме назад и тоа да се случува?
ДАНИЛОВСКИ: Западнонилската треска денес претставува актуелен јавно-здравствен проблем во повеќе европски земји. Локална трансмисија и епидемии се регистрираат и во современа Европа. Затоа, сегашната состојба кај нас треба да се анализира според тоа како функционирале механизмите за превенција, надзор и контрола.
Прашањето за одговорност е сосема легитимно. Одговорноста се утврдува според тоа дали било направено она што можело и требало да се направи, за епидемијата да се спречи или нејзините последици да се ограничат.
За таква процена треба да знаеме дали постоел функционален ентомолошки и епидемиолошки надзор, дали навреме биле препознаени сигналите за зголемен ризик, дали постоел однапред подготвен план, кога и како биле спроведувани мерките за контрола на векторите и дали здравствениот систем навреме бил подготвен за откривање и згрижување на случаите.
Врз основа на тие факти би можело аргументирано да се утврди дали постои институционална одговорност, за кои конкретни пропусти и на кое ниво.
Ќе има ли пик во следниот период?
Тоа однапред не може прецизно да се предвиди. Се наоѓаме во периодот од годината кога ризикот е висок. Најголем дел од инфекциите со западнонилскиот вирус во Европа се регистрираат во летните месеци и раната есен.
Затоа, во моментов не можеме да кажеме дали сегашната состојба кај нас веќе го претставува пикот или тој допрва претстои. Врвот на една епидемија, најсигурно би можеле да го препознаеме ретроспективно, кога ќе видиме дека бројот на нови случаи почнал континуирано да опаѓа.
Во овој момент, немаме основа за порака до јавноста дека опасноста е на поминување! Сè уште сме во сезоната на активна трансмисија и токму затоа мерките треба да бидат максимално интензивни.
Дали кај нас воопшто некој проверил колку комарци има и колку се носители на вирусот?
Ова е едно од клучните прашања.Современиот надзор подразбира многу повеќе од само утврдување дали има или нема комарци. Потребно е уште и систематски да се следат нивните видови, нивната густина, сезонската динамика и присуството на вирусот во собраните примероци. Истовремено, неопходниот, интегриран „One Health“ пристап подразбира следење на циркулацијата на вирусот и кај птиците и коњите.
Во моментов, јас не располагам со јавно достапни податоци од кои би можел да заклучам колку систематски и со каков опфат таков надзор бил спроведуван во Македонија пред појавата на сегашниот бран човечки случаи. Токму тие податоци би сакал да ги видиме.
Важно е да се потенцира следното.
Надзорот практично би ја изгубил својата најважна функција – раното предупредување, ако првиот сигнал дека вирусот интензивно циркулира ни станат (само) тешко заболени луѓе!
Што мислите, до каде ќе оди ситуацијата?
Во овој момент не може одговорно да се предвиди конечниот број заболени. Натамошната динамика ќе зависи од временските услови, бројноста и инфицираноста на комарците, интензитетот на циркулацијата на вирусот меѓу птиците, изложеноста на населението и од ефектот на мерките што се преземаат.
Притоа, важно е да се нагласи дека бројот на лабораториски потврдени случаи не ја покажува вкупната распространетост на инфекцијата! Околу 80 проценти од инфекциите поминуваат без симптоми, 20 проценти поминуваат со лесни симптоми, а само мал дел (помалку од еден процент) од заразените развиваат тешка, невроинвазивна болест. Оттука, регистрираните случаи се видливиот дел од многу поширока циркулација на вирусот.
Во оваа фаза, најважно е максимално да ја намалиме трансмисијата, додека сезоната сè уште трае. Секое намалување на бројот на нови инфекции значи и намалување на веројатноста за појава на нови невроинвазивни форми, нови пациенти на интензивна нега и нови смртни исходи.






