Кога календарот тивко се приближува кон крајот на годината, а светилките по домовите почнуваат да зборуваат наместо луѓето, празниците нè потсетуваат на она што е суштинско – топлината на домот, мирисот на лепче со паричка, прегратката што трае подолго од секој збор. Во тие денови, времето како да застанува за миг, оставајќи простор за сеќавања, благодарност и надеж.
Во таква празнична атмосфера го водиме разговорот со Зоран Љутков – човек кој македонската јавност го познава најпрво како актер, а денес и како министер за култура и туризам. Но, зад јавната улога и одговорностите што ги носи функцијата, стои еден сопруг, татко и семеен човек, кој со истата посветеност со која ги градел улогите на сцената, ја гради и својата домашна приказна. Заедно со сопругата Маја Љутков, исто така актерка, и нивните ќерки Сирма и Галена, празниците за него не се само датуми, туку живи моменти исполнети со смеа, заедништво и споделена радост.
Во овој разговор, министерот нè води низ своите детски спомени за Нова година, Бадник и Божиќ, низ семејните ритуали што денес ги пренесува на своите ќерки, но и низ размислите за балансот меѓу професионалниот ангажман и најважната улога во животот – онаа на татко. Со актерска чувствителност и човечка искреност, тој зборува за домот како чувство, а не како место, за традициите што се носат во срцето и за вредностите што остануваат и кога светлата ќе се изгаснат.
Ова е празнично интервју за семејството како засолниште, за љубовта што се учи низ секојдневни мали гестови и за вербата дека, каде и да сме – ако сме заедно, сме дома.
Кога разговорот го започнавме со споменот на Нова година, Бадник и Божиќ, министерот Зоран Љутков, нè врати таму каде што, како што вели, се втиснати најсилните и најчисти емоции од детството.
„Семејството секогаш на прво место! Така ми е останата меморијата од детството, да го прегрнеш и да му честиташ на тој што знаеш дека секогаш ќе стои зад тебе и во добро и во лошо, а и ти за него. Тоа го пренесувам и на моите ќерки. Кај и да си, со семејството да си.“
Зборуваме за празничната динамика во нивниот дом – за моментите кога секојдневната трка со времето конечно забавува, а домот почнува да дише во ритамот на празниците. Подготовките, како што вели, не се само обврска, туку вовед во радоста и заедништвото што следуваат.
„Со оглед на тоа дека преку целата година сме во трка со времето и со самите себе, подготовките за Новогодишните празници течат одлично, китењето елка е првиот дел од подготовките и закачувањето лампиони каде секој поединечно има своја приказна е првата возбуда и знак дека каде и да е за кратко ќе пристигне … Во последните години овој период го користиме да се спакуваме и да заминеме некаде фамилијарно и да се радуваме едни на други, да сведочиме на растењето на нашите ќерки со брзина на светлината и им се радуваме на секоја нова совладана вештина (тоа е скијање) во овој период. А јас и мојата сопруга Маја, седиме на некое сончево место и уживаме во периодот поминат заедно.“
За него, празниците не се врзани за една адреса, туку за луѓето со кои ги дели, а суштината секогаш останува иста – заедништвото и ритуалите што ги носат со себе
„Она што не е традиционално во нашето семејство е дека … онаа изрека ПРЕД БОЖИЌ, ЗАД БОЖИЌ КАДЕ И ДА СИ, ДОМА ДА СИ! Нам дома ни е онаму каде што сме заедно, ама каде и да сме ја подготвуваме домашната традиционална трпеза, готвиме вкусни јадења, сопругата меси домашно лепче со паричка за Бадник, имаме бадникови гранчиња кои ги кршиме од планина и се радуваме на времето поминато заедно.“
На прашањето дали празниците ги доживува како време за мирување во домот или како можност за заедничко патување, министерот Љутков искрено открива дека овој период за нивното семејство значи движење, промена и заедничко бегство од секојдневието.
„Ова е период каде се пакуваме и сите заедно одиме на ЗИМСКИ РАСПУСТ (се разбира мене не секогаш работата ми дозволува да бидам на распуст)“.
Со насмевка и топлина, ја опишува својата улога во празничната кујна, каде подготовките не се поделба на обврски, туку уште еден повод за семејно дружење и радост. Иако најчесто внимателно ги набљудува најблиските како уживаат во процесот, тој сепак има и своја јасно дефинирана задача.
„За мене нема поголемо задоволство кога ги гледам Маја, Галена и Сирма како се забавуваат околу подготовките, јас најчесто сум задолжен за подготовка на рибата од сите видови и на сите можни начини (зависи од желбата).“
Говорејќи за празничната радост која најсилно се чувствува низ детските насмевки, открива дека и во нивниот дом подарувањето има посебна, топла форма – игра што ги зближува и ги прави празниците уште повесели.
„Откако пораснаа нашите ќерки доволно големи за да разберат дека Дедо Мраз се мама и тато, се договараме дека ќе играме Таен Дедо Мраз, каде ги запишуваме имињата наши и секој влече по едно име (да не е своето) и оној кој ти се паднал, треба да му купиш подарок … Одредуваме симболичен буџет и одиме по подароци. На Нова година вечерта ги отвораме и на среќата и нема крај.“
Кога разговорот се сврте кон празничната уметност и инспирација, министерот Љутков, со својот препознатлив хумор, го отслика духот на семејните мигови низ едно измислено дело што би го опишало нивниот празничен живот.
„Не би можел да издвојам филм или претстава ама кога би го снимиле или одиграле ние како претстава би се викал „Љуткови на пат за Нова година (се смее).“
Со насмевка и љубов кон деталите, раскажува како професионалното искуство како актер го претвора во мајстор на празничните изненадувања за своите ќерки. Наместо директно да се преправи во Дедо Мраз, тој создавал магија преку ситни знаци и сценарија што ја разгорувале детската фантазија.
„Дедо Мраз сум бил во Новогодишна детска претстава на нашето драмско студио ‚Прва Проба‘, каде беа дел и Галена и Сирма, а додека биле мали не сум се преправал во Дедо Мраз за нив затоа што сум сигурен дека секогаш би ме препознале ама затоа измислував најразлични сценарија како Дедо Мраз дошол и им ги оставил подароците во двор под елка, сум правел стапалки со брашно … велејќи дека се тоа стапалките на Дедо Мраз … сериозно се занимавав со тоа кога ќе ги најдат подароците да бидат сигурни дека тукушто поминал Дедо Мраз и дека за кратко сме се разминале.“
Разговарајќи за изминатата година, открива дека неговиот најголем личен успех не се бројки или професионални достигнувања, туку вниманието и присуството кон семејството, особено кон ќерките во нивните клучни години на растење.
„2025-та беше исклучително тешка година за да се постави баланс помеѓу професионалниот ангажман и семејството, посебно да се даде внимание на децата кои се во исклучително интересни години и им е потребно моето внимание. Без разлика колку и да траеше денот успевав во времето поминато со нив да ги исклучам работните обврски. Мислам дека тоа е драгоцено и за мене и за нив. Па еве тоа би си го препишал како успех.“
Говорејќи за професионалните достигнувања, министерот Зоран Љутков ја истакнува годината како предизвикувачка, но истовремено клучна за поставување на темелите на културата и туризмот како обединета сила за идниот развој.
„Предизвикувачка година и можеби најважната, бидејќи се поставуваа темелите на културата и туризмот како обединета сила за економски напредок. Работевме на нови законски решенија, нова национална стратегија за културата, и реформи кои треба да ја сменат сликата во иднина и ќе рефлектираат надеж во 2026-та. Откочувањето на сите капитални инвестиции за помалку од година е нешто на што сум посебно горд.“
Лажните вести и нивното влијание, министерот ги потенцира како најголем предизвик на изминатата година, но истовремено ја истакнува упорноста како клучна животна лекција која го води во сите аспекти од животот.
„Лажните вести се најголемиот проблем моментално кои ја намалуваат важноста на вашата работа. Секогаш силно удираат кога си силен. Нема откажување од зацртаната цел, и професионално и приватно.“
Кога зборуваме за новогодишните предизвици и желби, министерот го сведува фокусот на најважното – семејството, здравјето и хармонијата, додека истовремено не ја заборава и професионалната одговорност која ја носи функцијата.
„Живи, здрави, среќни. Хармонија во фамилијата и со пријателите. Поголем предизвик не постои.“
За претстојната година, тој додава:
„Како човек веќе одговорив во претходното прашање, а како министер – едноставно е: Постои четиригодишна програма која треба да се реализира. Тоа што сум го ветил, да го исполнам.“
Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Приватна архива







