На листата на чекање органи во Северна Македонија има околу 200 пациенти – 165 за бубрези, 30 за срце, останатите за црн дроб или за коски. Некои пациенти чекаат со децении, а дел од нив никогаш не дочекуваат орган.
На листата на чекање органи во Северна Македонија има околу 200 пациенти – 165 за бубрези, 30 за срце, останатите за црн дроб или за коски. Некои пациенти чекаат со децении, а дел од нив никогаш не дочекуваат орган, вели Душко Ѓорѓиев, претседател на „Нефрон“, здружение на бубрежно болни пациенти.
Државата зад себе има стручни лекарски тимови, знаење и успешни приказни, но свеста за донирање органи се уште е недоволна и донирањето од кадавер (починат дарител) и натаму е предизвик, оценуваат пациенти и нивни здруженија во сведочења за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во 2025 година, семејствата на тројца донори се согласиле да ги донираат органите.
Во 2024 и во 2023 година имало по двајца кадаверични донатори.
Проф. д-р Билјана Кузмановска, национална координаторка за трансплантација, најавува новини за во 2026 година: Центарот за трансплантација се реновира, ќе има пет бокса и дијализен дел; пациенти со мозочна смрт ќе може да се идентификуваат и од интензивната нега на ГОБ „8 септември“, за разлика од досега, кога тоа се правеше само на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување(КАРИЛ).
Се подготвуваат и измени на законот за трансплантација со кои ќе се дозволи живи дарители на органи да бидат и први братучеди. Досега тоа беше ограничено на мајка, татко, брат, сестра, баба, дедо, вујко, чичко, тетка, деца и внуци.







