Лидерот на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, изјави дека не верува во Босна и Херцеговина, бидејќи таа е, како што изјави, невозможна држава и додаде дека негов единствен мотив е Република Српска.
Тој оцени дека ништо не функционира во БиХ и дека сите се прашуваат колку долго ќе трае тоа.
– Мојата улога е да завршам сè преку мирен политички процес – изјави Додик за Радио-телевизија на Република Српска (РТРС).
Тој додаде дека „бошњачките политички претставници направија сè за да се осигурат дека БиХ нема да постои“, оценувајќи дека „во некое идно време, БиХ веројатно нема ни да постои“.
– Она што треба да се обидеме е да создадеме српско национално единство за работите на ниво на БиХ. Мислам дека би било најважно заедно да донесеме одлука да престанеме да донесуваме одлуки на ниво на БиХ додека не се дефинираат внатрешните односи меѓу РС и Федерацијата БиХ – рече Додик.
Според него, потребно е да се преиспита сè што наметнале високите претставници, па дури и она што, како што рече, го „протуркале“ низ Парламентот под маската на притисок.
– Треба да одиме од прашање до прашање и да видиме, ако не го положиме тој тест, тогаш нема БиХ – нагласи Додик.
Тој најави дека ќе патува во Чикаго на 25 април, а потоа во Русија, каде што ќе присуствува на воената парада во Москва, на 9 Мај.
– Потоа, на крајот од месецот, ќе се вратам во Москва и Санкт Петербург. Следува динамична активност ова лето, патување во Италија, Франција, а потоа повторно во Израел – рече Додик.








