Македонија ја очекува нов топлотен бран, а во првата декада од август температурите во одделни делови од земјата ќе достигнат и 40 степени Целзиусови, најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според прогнозата, утре времето ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец.
Утринските температури ќе бидат најниски во Берово, каде се очекуваат околу 11 степени, додека највисоките дневни температури ќе достигнат 38 степени во Гевгелија и Велес.
Во Скопје ќе преовладува сончево и топло време со слаб променлив ветер, а максималната дневна температура ќе се искачи до 35 степени.
Од УХМР најавуваат дека во наредните денови, под влијание на топла воздушна маса, ќе следува период на сончево и многу топло време.






