Со сведочење на економистот и советник за имплементирање проекти во Државна Лотарија, продолжи судењето за предметот во кој обвинети се поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, второобвинетиот и поранешен вицепремиер Артан Груби, како и уште шест лица.
При испитувањето, на прашање, сведокот одговори дека Бајрами и Груби биле во пријателски односи и доаѓаат од иста политичка партија, а Бајрами во однос на Груби се обраќал како за „шефот“.
„За набавката на ВЛТ директорот Перпарим Бајрами ме повика во неговиот кабинет каде што ми беше претставена идејата. Сметам дека ние како членови на Управниот одбор требаше да се изјасниме по оваа точка. ВЛТ мислам дека не беа ставени во функција, се чекаше за нивни решенија, беа ставени во некој наш магацин.“
Одбраната на првообвинетиот, поранешниот директор на „Лотарија на Македонија“, Перпарим Бајрами изјави дека и сведокот потврдил дека терминалите биле предвидени во финансискиот план и планот за јавни набавки, како и дека се уште се наоѓаат во сопственост на „Државна лотарија“.
„Она што го потврди е дека овие ВЛТ апарати и днеска се наоѓаат во владение на „Лотарија на Македонија“, со нив располага и се материјални средства и имот на „Лотарија на Македонија“, истиот или може да ги пушти во оптег со нивна употреба, затоа што и законот за игри на среќи е изменет и „Лотарија на Македонија“ е единствениот кој издавал лиценци и има право да организира и игри на среќа. Или да издаде лиценца на трето лице.“
На обвинетите во овој предмет им се става на товар за сторување кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Според Обвинителството, делата биле сторени во текот на 2023 и 2024 година. За ова кривично дело е пропишана казна затвор од една до пет години.






