домаМакедонијаДипломатија на македонски начин – од поранешен директор на „Градски паркинг“ до...

Дипломатија на македонски начин – од поранешен директор на „Градски паркинг“ до амбасадор во Атина

- Advertisement -spot_img

Според неофицијалните информации од владини извори за „Слободен печат“, за македонски амбасадор во Атина е избран Филип Пасху, кој на 31 декември 2021 година беше назначен за в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“ каде што претходно веќе работел како заменик-директор и претседател на Управниот одбор

Поранешен директор на ЈП „Градски паркинг“, поранешна новинарка и актуелна сопственичка на ПР-агенција и адвокат се тројца од петте номинирани идни амбасадори за кои Владата неодамна на седница дала зелено светло.

Според неофицијалните информации од владини извори за „Слободен печат“, за македонски амбасадор во Атина е избран Филип Пасху, кој на 31 декември 2021 година беше назначен за в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“ каде што претходно веќе работел како заменик-директор и претседател на Управниот одбор. Тогаш од Град Скопје соопштија дека „Пасху е магистер по економија, со долгогодишно работно искуство во управување со многубројни проекти на УСАИД, ДФИД, ИПА-фондовите на Европската Унија. Има искуство и од позицијата неизвршен директор на АД ‘Енергетика‘ Скопје, заменик-директор на ‘Градски паркинг‘, како и претседател на Управниот одбор на истото претпријатие“.

Во Будимпешта ќе нè претставува Татјана Лопарски, поранешна новинарка, а сега сопственичка и извршна директорка на една од водечките ПР-агенции во Македонија – „Елемент ПР“. За неа важи дека е експерт за односи со јавност.

Адвокатот Јасмин Калач е изборот на владата за амбасадор во Сараево. Калач не е од оние „извиканите“ адвокати што биле ангажирани во познати случаи, освен тоа дека постапува во предметот „Пулс“ за кочанската трагедија како бранител на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Џеват Селами.

Другите двајца кандидати што поминале на истата владина седница се Дритон Куќи за амбасадор во Осло, Норвешка, и Елма Алторок за амбасадорка во Каиро, Египет. Инаку, Куќи веќе е амбасадор во Осло и ова ќе му биде втор мандат, а Алторок е актуелна вршителка на работите во Каиро, па ќе треба да се врати во Скопје и да брани тези.

Претходно се избрани уште четворица амбасадори што чекаат одбрана на тезите во Собранието. Во Бугарија ќе замине Крум Ефремов, дипломат од кариера, кој беше амбасадор во Украина, а Габриел Атанасов, професионалец од МНР, ќе биде амбасадор во Романија, каде што и претходно беше. Од ресорното Министерство за надворешни работи доаѓа и Мухарем Јусуфи, кој ќе биде амбасадор во Стокхолм, Шведска, додека во Приштина ќе нè претставува Катерина Тодороска.

Од МНР за „Слободен печат“ изјавија дека без амбасадор или генерален конзул во моментов се вкупно 24 дипломатско-конзуларни претставништва.

„За 11 од нив веќе се избрани кандидати, кои ќе стапат на должност во различни временски периоди, по завршувањето на законската постапка. Станува збор за дипломатско-конзуларните претставништва во Атина, Будимпешта, Букурешт, Каиро, Канбера, Лондон, Приштина, Сараево, Софија, Стокхолм и Хаг“, велат од МНР.

До крајот на август на мандат се очекува да заминат амбасадорите во Лондон – Илина Мангова, во Хаг – Линда Салиеска Иљазовска и во Канбера – Стојанче Китаноски.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img