Новоизбраната претседателка на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, денеска пред Судскиот совет даде свечена изјава пред стапувањето на функцијата, при што порача дека ќе продолжи со досегашното темпо на работа и како клучни приоритети ги посочи одржувањето на ажурноста на судот, намалувањето на заостанатите предмети, целосната анонимизација на судските одлуки и унапредувањето на транспарентноста преку нова веб-страница.
Димовска, која изминатите 14 месеци ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на судот, истакна дека резултатите постигнати во тој период претставуваат основа за натамошната работа.
– Со оглед на тоа што веќе 14 месеци ја извршувам оваа функција, денес, единствено со давањето на заклетвата, можам да ветам дека ќе продолжиме со истото темпо и динамика. Во изминатите 14 месеци успеавме да го намалиме приливот на предмети за 4.000. Еден сме од најажурните судови во државата. Успеавме да го намалиме бројот на стари предмети за 53 проценти. Успеавме да немаме ниеден застарен предмет во текот на оваа година. При крај се и процесите за анонимизација на судските одлуки. Во тек е постапката за добивање одобрение од Судскиот совет за нова веб-страница на судот – изјави Димовска.






