Даме Димитровски, новиот претседател на Советот на град Скопје, по изборите доби поддршка за неговата работа од речиси сите советнички групи, а тој подаде отворена рака за соработка за оваа клучна градска институција повеќе да не биде кочница или изговор за неработење на градоначалникот. Димитровски вели дека програмата на Орце Ѓорѓиевски е одговор за наталожените проблеми на Скопје, но и развојна со визија за следните 20 години.
Претседателот на градското собрание ветува дека ќе го застапува гласот и интересот на скопјани. Тој како професор и експерт беше еден од најголемите поборници за борба со загадениот воздух и одржливи решенија во превозот, енергетиката и иновациите на град Скопје, а сега ќе има можност тоа да го спроведе во пракса.
Вие ќе ја имате одговорноста во наредните четири години да го видите Советот на град Скопје и да бидете „мост“ меѓу граѓаните и институциите на градот. Изборите и кампањата поминаа, и сега полесно и со помала емотивна оптовареност може да видите какви се условите за работа на Советот на град Скопје. Дали граѓаните може да бидат мирни и надежни дека Скопје ќе профункционира?
Димитровски: Апсолутно. Граѓаните не само што можат да бидат мирни, туку треба да бидат и сигурни дека периодот на стагнација и хаос завршува. Мојата улога како претседател на Советот не ја гледам само како процедурална функција, туку како мандат за воспоставување на нов ред и систем на вредности.
Условите за работа ги креираме ние. Ако досега Советот беше арена за политички препукувања додека градот тонеше во смет и безнадежност, од сега тоа ќе биде дом на конструктивна дебата и, пред сè, на решенија. Нашата работа ќе се базира на изборната програма на градоначалникот Ѓорѓиевски и нашите 9 темелни политики за развиено Скопје кои ги ветивме. Тоа не се само зборови на хартија, туку конкретен патоказ. Градот треба да функционира по стандардни процедури. Пристапот во работата е сменет од импровизација кон стратешко планирање. Граѓаните ќе го почувствуваат тоа постепено, преку ефикасноста на одлуките што ќе ги носиме.
Пред да станете претседател на Советот на град Скопје важевте за експерт кој се залага за одржливи решенија во животната средина, односно намалување на загадувањето на воздухот, поквалитетен јавен превоз, повеќе иновации и поддршка на младите. Дали сега од оваа позиција ќе останете верен на овие ставови и заложби, особено ако се види учинокот на досегашните градски власти кој повеќе се поклопувал со приватните интереси наместо со јавниот интерес?
Димитровски: Мојата професија и мојот академски интегритет се пред мојата политичка функција. Јас влегов во оваа битка токму затоа што како експерт, но пред сè како татко и скопјанец, не можев повеќе да гледам како нестручноста го уништува нашиот дом.
Нема компромис со јавниот интерес. Интереси на некои групи кои оделе на штета на градот се минато. Моите заложби за почист воздух не се политички пароли, туку се базираат на научни факти и сега имаме механизам да ги претвориме во одлуки. Во нашата програма, еден од клучните столбови е Скопско небо (Почист воздух). Уште на првата седница на советот, покажавме потреба да се создаде сеопфатен План за управување со квалитетот на воздухот во Скопје, во кој покрај проектите и мерките кои се предвидени во програмата ќе се синтетизираат чекорите по кои треба да се движи градот Скопје во имплементација на своите активности.
Секој град кој влегол во борба со загадениот воздух се базирал на: сеопфатен план со јасни одговорности и чекори; изнаоѓање на средства за реализација на чекорите и вклученост на јавноста и граѓаните со свој придонес во планот и во акциите од планот.
Прашањето на квалитетот на воздухот е прашање на здравјето на нашите деца и нема поголем интерес од тоа во мојата работа и работата на советот. Како претседател на Совет, ќе бидам првиот филтер кој нема да дозволи поминување на одлуки кои не се во согласност принципите на создавање оддржлив град.
Советот има улога и на контрола на работата на градоначалникот, но да се надеваме не и на кочница. Кои се главните приоритети на град Скопје и како ја оценувате поставената агенда на градоначалникот Ѓорѓиевски?
Димитровски: Советот и градоначалникот се два дела од ист организам. Ако едниот не функционира, страда целиот град. Со градоначалникот Ѓорѓиевски делиме иста визија, 20 годишна визија за Скопје. Тоа е план кој гледа далеку во иднината, а делува веднаш. Главните приоритети се јасни и ургентни: комунална обнова и поставување на систем на комунални услуги, брз и предвидлив јавен превоз во градот до секое маало, враќање на јавните простори на скопјани и развој на зелените површини во градот.
Агендата на градоначалникот е амбициозна, но реална и издржана. За нејзино исполнување ќе треба интензивна работа на целиот тим на вработени во градот и јавните претпријатија. Советот ќе биде ветер во грб за сите добри проекти, но и строг коректив доколку се забележи било какво отстапување од ветеното. Нема да бидеме кочница за развојот, туку гарант за квалитетот и глас на секој скопјанец во советот.
Во Советот добивте поддршка за вашата работа без оглед дали советниците гласаа за вас или не. Сметате ли дека овој состав на Советот може да се издигне над дневнополитичките расправии и да го одржи нивото на демократија и соработка?
Димитровски: Јас сум оптимист. Предизвиците на Скопје немаат партиска боја. Дупката на улицата, загадениот воздух или доцнењето на автобусот подеднакво ги нервираат сите граѓани. Мојата подадена рака кон сите советници останува отворена.
Верувам дека нивото на демократија ќе се одржи преку аргументирана дебата, а не преку политички театар. Ќе инсистирам на култура на дијалог. Во советот значајно е да се слушнеме и да го слушнеме гласот на скопјани.
Не само советниците туку и граѓаните треба да се вклучат во борбите кои ги води Град Скопје, не само како набљудувачи или гласни критичари, туку и како активни чинители во градските проекти.
Секој добар предлог, независно од која страна доаѓа, ако е во интерес на скопјани, ќе биде ставен на маса. Време е да покажеме зрелост. Граѓаните нè избраа да работиме, а не да се надмудруваме. Ако фокусот ни остане на Скопје какво што го сакаме, дневнополитичките расправии сами ќе станат ирелевантни, а суштинските решенија ќе добијат на значење.
Главните критики кон претходните градски совети беше недостигот на отвореност и транспарентност на работата. Може ли да очекуваме новини во работата на Советот на град Скопје и поголема отчетност пред граѓаните?
Димитровски: Транспарентноста е една од нашите девет темелни политики. Недозволиво е во 21 век граѓаните да не знаат како се трошат нивните пари.
Уште во првиот месец од работата на советот се вклучивме во проект кој ќе ги подобри практиките на работа на советот и тоа: транспарентност во трошење на средствата на градот при формирање на буџетот и неговата реализација, директна вклученост на граѓаните и граѓанските организации во буџетски форуми и подигнување на капацитетот на советот преку подобрување на знаењата и вештините на советниците и градските служби за механизмите на функционирање на советот. Со тоа во текот на следната година ќе ги поставиме и основите на програмата Буџет на дланка.
Вратата на Советот ќе биде отворена, бидејќи гласот на граѓаните е нашиот единствен патоказ.
Дали може да ни претставите како ќе се развива Скопје како македонска и регионална метропола, за побрзо да ги заборавиме темите кои претставуваа најцрн период во поновата градска историја како несобирање на сметот, недостиг на градски автобуси и нередовен превоз и тотално запоставување на духот на градот. Освен редовните комунални обврски, која е визијата за Скопје?
Димитровски: Редовните комунални услуги мора да се основна хигиена, а не визија. Тоа е основата која мора да функционира беспрекорно за воопшто да можеме да зборуваме за надградба.
Нашата визија за Скопје е град на можности, град на млади и град на иновации. Замислете го Скопје како Smart City (паметен град), каде дигитализацијата го олеснува животот на секој чекор. Замислете го Скопје како Центар на иновации, со Скопски иновациски центар и Кампус 2.0, каде младите ќе ги развиваат своите стартапи тука, а не во странство. Тоа е нашиот директен одговор на „спакуваните куфери“. Го гледаме Скопје како Европски град на културата, со жива сцена, фестивали и обновени култни објекти кои ќе го вратат духот и насмевката на скопјани. И конечно, Скопје како Зелен град, со нови паркови, зелени коридори покрај реките и мрежа на велопатеки што навистина поврзуваат и олеснуваат движење.
Визијата е Скопје да биде град во кој редот е нормалност, а не исклучок. Град кој ве поканува да останете и да создавате. Ќе покажеме дека работиме посветено за Скопје какво што го сакаме. Скопјани тоа ќе го препознаат и активно ќе се вклучат во создавањето на новото Скопје.
Х.С.







