Државната изборна комисија (ДИК) денеска не го донесе упатството за пополнување на листите за кандидати за членови на совети на општини и Градот Скопје. Членот на ДИК, Дитмире Шеху, побара одлуката да се донесе со консензус, повикувајќи се на Изборниот законик, бидејќи се однесува на интересите на немнозинските заедници.
Според Шеху, упатството не може да се заснова на одлука на Владата за бројот на советници, бидејќи законот за локална самоуправа го определува бројот на членови во советите. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, истакна дека слично упатство било донесено и за локалните избори во 2021 година.
По гласањето, пет членови беа „за“, а двајца „против“, што значи дека не е постигнат консензус и упатството не е донесено. Писмено мислење ќе даде правната служба на ДИК, по што комисијата ќе се наврати на ова прашање.
На денешната 130. седница, ДИК донесе и други одлуки поврзани со претстојниот изборен процес, вклучително и упатство за набљудување на изборите.









