Ние сме задоволни од степенот на имплементација на препораките заради тоа што Венецијанската комисија досега го има угледот на непристапна и професионална комисија и земјите со добра волја го имплементираат. Тука е интересно што Венецијанската комисија дава еден вид на стручна и правна помош на земјите кои се стремат кон ЕУ, но исто така дава и мислења во земји кои се веќе членки на Унијата, така што ние сме задоволни и од едните и од другите во степенот на имплементација на мислењата, вели за „Трилинг“ универзитетската професорка Рената Дескоска, потпретседателката на Венецијанската комисија, одговарајќи на прашањето колку и како се имплементираат сугестиите во домашното законодавство по рецензиите Венецијанската комисија.
-Мислам дека Венецијанската комисија ужива сериозен углед во Македонија. Сите препораки коишто доаѓаат се добро прифатени – смета Дескоска.
Говорејќи околу судско-обвинителскиот дел, таа смета дека проблемот е во начинот на функционирање и во одредени спреги кои постојат во делот на поврзаност, лобирања…
-Мислам дека е проблем кога се дава и генерализација. Не е во ред кога одредени епитети се лепат на сите судии. Се додека судиите, судовите не се спремни да го исфрлат она „диво месо“ кај нив и оние луѓе коишто го нарушуваат нивниот углед на сите ќе им се лепи етикетата. Уставно-правно судството е поставено како независна, како трета власт, а тие честопати не се однесуваат како власт. Се додека немаат сфаќање за својата улога во системот тие не можат да го добијат заслуженото место – вели Дескоска.
На политички план, таа вели дека со Зоран Заев имале меѓусебно разбирање кога си ја поднела оставката, но за последните изборни циклуси смета дека излезноста покажува генерална апатија и разочараност.
-Ако ги анализираме локалните избори, видовме сериозен пад во бројот на гласови кај сите политички партии и сериозен пад на излезноста кај граѓаните, што покажува генерална апатија и разочараност, што не е добар сигнал заради тоа што немате веќе субјект кој изворно ги привлекува граѓаните. Држава во која што имате слаба опозиција има ризици во себе – вели Дескоска.
Околу тоа дали премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се пресилни или СДСМ е се послаб и ова води кон авторитарно владеење, таа смета дека во овој момент владеењето на оваа гарнитура на власт е подобро отколку власта на Никола Груевски.
-Од тој аспект не ги гледам оние сериозни проблеми коишто постоеја во времето на Груевски каде што Македонија под силниот авторитарен популизам „стенкаше“. Но, факт е дека имаме слаба опозиција којашто не може да парира – вели Дескоска.







