„Арамијата ја троши народната каса како да е бунар без дно. Троши ама не за граѓаните, не поголеми плати и пензии – туку за криминални партиски тендери. И сега пари нема за до крајот на годината! Состојбата со централниот Буџетот е катастрофална. Буџетскиот дефицит ќе надмине 900 милиони евра“ рече денеска на прес-конференција Симона Цветаноски – член на ИО на СДСМ.
Таа вели „целиот планиран дефицит е веќе потрошен, нема пари за плати и пензии и тековни трошоци до крајот на годината. Затоа нов ребаланс. Втор само два месеци после последниот ребаланс. Ребалансот не е заради некакви мерки за горивата, тоа е уште една лага, ребалансот е поради катастрофалната состојба со буџетот и потфрлањата во приходите“.
„Наместо да скрати од непродуктивните трошења, да го запре луксузот и партиските тендери – повторно нови задолжувања. Како што најавивме. Едното веќе го почнаа, 250 милиони евра за буџетски потреби до крајот на годината. Следува и задолжување од огромни 1,3 милијарди евра. Не за развој, не за инвестиции што ќе донесат нови работни места – туку за да се покријат дупките во касата. Наместо да обезбеди стабилни приходи и одговорно трошење, трупа долг врз долг за да ги сервисира основните обврски“ рече Цветаноска.
Порача дека „за две години Мицкоски создаде нови 4 милијарди евра долг или колку половина од задолжувањата за 35 години. Со долговите кон ЈПДП и другите јавни претпријатија долгот веќе надминува 63% од БДП. Каматите што државата ги плаќа годишно се зголемија од 120 на околу 350 милиони евра. Овие милијарди долгови не се за повисоки плати, пензии, инвестиции и подобар стандард“.






