домаМакедонијаЦентар ќе исплаќа до 100.000 денари за штетите од невремето

Центар ќе исплаќа до 100.000 денари за штетите од невремето

- Advertisement -spot_img

Општина Центар објави јавен повик за доделување еднократна парична помош на граѓаните и правните лица чии објекти беа оштетени во силното невреме на 21 јули. Финансиската поддршка ќе изнесува најмногу 100.000 денари по барање, а ќе се доделува исклучиво за оштетени покривни конструкции и фасади на индивидуални и колективни станбени објекти.

Право да аплицираат имаат физички и правни лица со недвижен имот на подрачјето на Општина Центар. Помошта не се однесува на оштетени возила, покуќнина, деловна опрема, прозорци или други видови материјална штета што не се опфатени со јавниот повик. Аплицирањето се врши преку интернет страницата на општината.

„Уште од првиот ден бевме на терен со сите расположливи служби за да им помогнеме на граѓаните во справувањето со последиците од невремето. Паралелно со расчистувањето, подготвивме системско решение за финансиска поддршка на најпогодените. Со објавувањето на јавниот повик започнуваме со конкретна постапка преку која граѓаните ќе можат да аплицираат за еднократна парична помош. Целта е никој да не остане сам во надминувањето на последиците од оваа природна непогода“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Барањата се поднесуваат во Архивата на Општина Центар, на улицата „Михаил Цоков“ број 1, секој работен ден од 9 до 15 часот. Јавниот повик е објавен на 29 јули, а рокот за пријавување трае два месеца, односно до 29 септември 2026 година. На барањето треба да стои назнака дека се однесува на еднократната помош за штетите од невремето на 21 јули.

Апликантите треба да достават податоци за подносителот, трансакциска сметка, доказ дека недвижноста се наоѓа во Центар, записник, потврда или друг документ од надлежен орган за настанатата штета, како и фотографии од оштетениот објект. Потребно е да се приложи и фактура, профактура или предмер-пресметка за очекуваните трошоци за поправка.

За станбените згради е потребна одлука за поднесување барање донесена со согласност од најмалку 50 проценти плус еден од сопствениците, како и имотни листови од сопствениците што ја дале согласноста. За индивидуалните објекти со повеќе сопственици, исто така, се бара потпис од мнозинството сопственици и соодветни имотни листови.

При определувањето на висината на помошта ќе се земат предвид степенот на оштетување, социјалниот статус на подносителот, дали недвижноста била осигурена, причината за настанувањето на штетата и евентуалната процена на трошоците. Поради тоа, подносителите треба да достават и потврда за приходите во последните шест месеци, доказ доколку примаат социјална помош или се невработени и осигурителна полиса или нотарски заверена изјава дека имотот не бил осигурен.

Комисијата формирана од градоначалникот ќе ги разгледува комплетните барања и во рок од 30 дена ќе подготви образложен предлог за секој предмет. Конечната одлука за доделување на средствата ќе ја носи Советот на Општина Центар на првата наредна седница по добивањето на извештајот.

Износот од 100.000 денари е максимална, а не однапред загарантирана помош. Реалната сума за секој подносител ќе зависи од проценетата штета, исполнетоста на критериумите и расположливите средства во буџетот на Општина Центар.

Од Општината претходно соопштија дека правилникот и финансиската мерка биле подготвени по невремето, паралелно со теренското расчистување и проценувањето на оштетувањата.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img