Цените на нафтата пораснаа во среда, опоравувајќи се од петнеделниот минимум што го достигнаа еден ден претходно, поради загриженоста за можни прекини во снабдувањето откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Индија со царини поради нејзините купувања на руска сурова нафта.
Фјучерсите за суровата нафта од типот Брент пораснаа за 29 центи и се тргуваа на 67,93 долари (62,84 евра) за барел, додека американската сурова нафта WTI се тргуваше по 65,44 долари (60,56 евра) за барел, што е зголемување за 28 центи.
И двата фјучерси, според CNBC, беа за повеќе од еден долар пониски во вторникот, достигнувајќи петнеделни минимуми, што означува четврта сесија по ред со загуби поради загриженоста за прекумерна понуда по објавувањето на зголемувањето на производството од страна на ОПЕК+ во септември.
„Инвеститорите проценуваат дали Индија ќе го намали увозот на руска нафта како одговор на заканите на Трамп, што би можело да доведе до намалување на понудата, но останува да се види дали тоа всушност ќе се случи. Доколку индискиот увоз остане стабилен, се очекува WTI да остане во опсегот од 60-70 долари за барел до крајот на месецот“, рече Јуки Такашима, економист во Номура Секјуритити.
Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници, познати како ОПЕК+, се согласија во неделата да го зголемат производството за 547.000 барели дневно во текот на септември, со што предвреме ќе се стави крај на најновото намалување на производството.
ОПЕК+ произведува приближно половина од светската нафта и во последниве години го намали производството за да го поткрепи пазарот, но оваа година воведува забрзано зголемување на производството за да го врати пазарниот удел.









