Од вчера сите вработени во МВР немаат здравствено осигурување – враќани се од хемотерапија, од дијагностички процедури, од лаборатории, со образложение или приватно да си платат, или да чекаат да се регулира состојбата. „Слободен печат“ се обрати и во Министерството за внатрешни работи и во Фондот за здравство од каде очекуваме одговори на што се должи ваквата состојба.
Од поодамна во системот на МВР има системски проблем што од време на време им прави проблеми на вработените и тие „снемуваат“ здравствено осигурување. Така, на крајот на јуни годинава, поради погрешен матичен број на полицаец вратен на работа со судска одлука „застана“ здравственото осигурување на сите вработени во МВР. Со други зборови, ако се згреши податок на еден вработен, здравственото осигурување привремено го губат сите вработени.
Ваквата ситуација трае подолг временски период — поради една техничка грешка системот се блокира за сите припадници на полицијата и на Министерството за внатрешни работи.
Наши извори од Фондот за здравство велат дека некој полициски службеник со судска одлука и овојпат бил вратен на работа, поради што за него придонесите ќе бидат прокнижени денеска, па пак сите во МВР ќе добијат здравствено осигурување.






