Македонија се соочува со институционална и демократска криза, а паралелно е изложена на дезинформации, пропаганда и политички влијанија кои го менуваат јавното мислење и ја оддалечуваат земјата од европската интеграција, оцени професорката Ана Чупеска на дебатата „Македонија помеѓу европската интеграција и ‘српскиот свет’“.
Чупеска, која е претседателка на Советот на СДСМ, предупреди дека еден од најголемите ризици е, како што рече, „интервенцијата врз свеста на граѓаните“ преку дезинформации, пропагандни наративи и психолошки операции. Според неа, ваквите процеси биле присутни уште додека актуелната власт била во опозиција и придонеле дел од јавноста да поверува дека може да се промени преговарачката рамка со Европската Унија.
„Во моментов, на овој расчекор меѓу изолацијата и ‘српскиот свет’ Македонија се соочува со мултидимензионална криза. Таа е институционална и демократска“, рече Чупеска, оценувајќи дека земјата се соочува и со сериозно слабеење на правната држава и институциите.
На дебатата организирана од СДА Македонија беше оценето дека застојот во евроинтеграциите сè повеќе се користи како оправдување за недостатокот на реформи, додека истовремено растат политичките, медиумските, економските и културните влијанија од Србија. Учесниците го поврзаа концептот на „српскиот свет“ и со поширокото руско влијание во регионот.
Чупеска посочи и дека современите операции за политичко влијание веќе не се сведуваат само на класична пропаганда, туку вклучуваат дигитални платформи, вештачка интелигенција и влијанието на медиумските и технолошките сопственици. Таа повика медиумите да ги истражуваат и финансиските текови поврзани со унгарскиот кредит за Македонија, како и регионалните енергетски и деловни врски.
Како политички одговор, Чупеска рече дека СДСМ предлага создавање „фронт за вистина и правда“, во кој би се вклучиле политички партии, граѓански организации, медиуми и други проевропски и демократски актери. Според неа, потребна е и поголема регионална соработка за размена на информации за дезинформациски и психолошки операции.
Таа ја поврза европската интеграција и со институционалната и дигиталната заштита на граѓаните, оценувајќи дека членството во ЕУ е важно за воспоставување посилни механизми за владеење на правото и заштита од дигитални манипулации.
На дебатата учествуваа и Никица Корубин, Роберт Алаѓозовски, Џабир Дерала, Џабир Доко и Петрит Сарачини, а домаќин и модератор беше претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ.






