Адвокатот Тони Менкиноски информираше дека властите во Софија му изрекле забрана за влез во Бугарија во траење од 10 години.
Тој за денеска најави прес-конференција на која ќе ги соопшти сите детали поврзани со оваа одлука, која ја оцени како „скандалозна“ и како притисок врз неговата професионална работа.
„Станува збор за директен напад врз мојата адвокатска дејност и обид за замолчување на мене, како правен застапник на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, наведува Менкиноски во поканата испратена до медиумите.
Тој посочи дека на прес-конференцијата ќе ги образложи можните причини за донесената одлука, како и последиците кои, според него, произлегуваат од повредата на правото на слободно движење и вршење на адвокатската професија.
Прес-конференцијата е закажана за денес во 11:30 часот, во неговата адвокатска канцеларија.








