Македонија бележи огромен исчекор на полето на сообраќајната безбедност, за што сведочат конкретните бројки, меѓународните признанија, но пред сè спасените човечки животи, беше истакнато на втората национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Според изнесените податоци, во изминатите 35 години државата во просек губела околу 150 човечки животи годишно во сообраќајни незгоди, додека од почетокот на оваа година до денес таа бројка изнесува 85.
Иако ова претставува значителен напредок, беше нагласено дека проблемот сè уште не е целосно решен, бидејќи секој загубен човечки живот е премногу и бара уште поголема посветеност и заедничка одговорност од сите чинители.
Посебна благодарност за придонесот беше упатена до локалните самоуправи, ЗЕЛС, РСБСП, Црвениот крст, академската заедница и полициските службеници, но најголемата заслуга им беше припишана на самите граѓани, кои со своето одговорно однесување покажале дека земјата може да биде и светски пример за унапредување на сообраќајната безбедност.
Како што беше заклучено, меѓународните признанија се потврда за вистинската насока, а со чесна и посветена работа продолжува градењето на побезбедна иднина за сите генерации.






