домаСветБразил го спасува морето од нафтените дамки со ќебиња од коса: Проект...

Бразил го спасува морето од нафтените дамки со ќебиња од коса: Проект создаден во земја со голем број фризерски салони

- Advertisement -spot_img

Нова еколошка иницијатива користи човечка коса за заштита на океаните. Донираната коса се користи за правење бариери што штитат делови од бразилскиот брег од загадувањето предизвикано од излевањето нафта, пишува „Еуроњуз“.

Технологијата, која веќе се користи во други земји како Чиле и САД, ја инспирираше Маријана Робран, основач на невладината организација „Фиотраро“, да го иницира и развие овој проект во Бразил. Првите тестови беа спроведени во Енсеада де Бом Хесус, на брегот на заливот Гуанабара во државата Рио де Жанеиро, каде што веќе имаше бариера за собирање отпад. Така, во заливот Гуанабара, наместо мали чамци чии екипажи фрлаат мрежи за да ловат риби, сега е вообичаено да се види еден вид цилиндар во портокалова боја, исполнет со коса што се спушта во водата за да се создаде бариера што ги задржува нафтата, биодизелот и другите загадувачи.

– Бариерите може да останат во морето до четири месеци и во исто време да го задржат загадувањето „од бродовите, од нелегалното испуштање и од другите извори на загадување – објаснува хемичарката Каролин Карваљо.

Проектот е создаден во земја со голем број фризерски салони, поради што има голем потенцијал бидејќи неговата главна суровина е речиси неисцрпна. Десетина фризерски салони донираат исечена коса што нема да се користи за правење перики и се прават еколошките ќебиња од неа. За филтрирање и апсорпција на масло може да се користат и животински влакна.

Поради интензивниот поморски сообраќај и постојаното пристигнување и заминување на бродовите, заливот Гуанабара е изложен на разни видови загадување со децении, поради што е избран како една од тест-локациите за проектот. Во разговор за „Асошиејтед прес“, локалниот рибар Серхио Карваљо го опиша сериозниот проблем со загадувањето во областа.

– Кога излегуваме да ловиме риба со мрежи, често се среќаваме со излевања на нафта, што ни ја отежнува работата. Нафтата останува на површината, но влијае на сè до длабочина од околу метар и половина. Рибите исчезнуваат – рече тој.

Рибарската заедница, како и сите еколошки групи вклучени во проектот, се надеваат дека овие бариери од влакна ќе помогнат во обновувањето на екосистемот и ќе придонесат за намалување на загадувањето во заливот.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img