Министерката за енергетика Сања Божиновска оствари прва официјална средба со Lesley Miller, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија, на која се разговараше за поголема соработка во политики што ги ставаат децата и младите во центарот на општествените процеси.

Како што истакна Божиновска, децата и младите не смеат да бидат споредна тема во креирањето на јавните политики, вклучително и во енергетскиот сектор.

„Енергетската транзиција не е само прашање на бројки, инфраструктура и инвестиции. Таа значи топол дом, чист воздух и еднакви можности за секое дете“, порача министерката.
Таа нагласи дека фокусот на министерството останува на праведни и инклузивни политики, особено насочени кон најранливите категории граѓани, а пред сè кон децата.
Во рамки на разговорите било истакнато дека соработката со УНИЦЕФ може да отвори простор за нови иницијативи – од едукација и подигнување на јавната свест, до вклучување на младите во процесите на носење одлуки кои директно влијаат врз нивната иднина.
Божиновска потенцираше дека вистинската вредност на овие политики е создавање подобри услови за раст, развој и сигурна иднина за секое дете.








