Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во интервју за неделникот „Јавност“ истакна дека во изминатиот период градот бележи видлив и конкретен напредок, кој граѓаните директно го чувствуваат во секојдневното живеење. Според него, обновата на улиците, водоводната и канализационата мрежа, како и уредувањето на јавните простори, парковите и спортската инфраструктура се резултат на јасна стратегија и посветена реализација на проекти.
Коњановски нагласи дека паралелно со инфраструктурниот развој, Битола доживува заживување на културниот и спортскиот живот, со европски натпревари, концерти и други значајни настани, со што градот повторно се позиционира на регионалната и меѓународната мапа.
Во интервјуто, градоначалникот се осврна и на активностите на Општината во областа на заштитата на животната средина, посочувајќи дека се преземаат конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот преку енергетска ефикасност, користење обновливи извори на енергија и системски пристап дефиниран со стратешки документи и Локалниот еколошки акционен план.
Тој истакна дека континуираната дигитализација на општинските услуги, зголемената транспарентност и ефикасното користење на државни и европски средства овозможуваат побрз и поедноставен пристап на граѓаните до јавните сервиси и информации. Сето тоа, според Коњановски, ја потврдува подготвеноста на локалната самоуправа за нова фаза на развој, со јасна визија, конкретни проекти и долгорочен фокус на одржлив раст и подобра иднина за сите битолчани.









