Кривична пријава за организирање и реализирање на незаконско посвојување на дете и мерка домашен притвор од судија на претходна постапка за шест лица. Според МВР за организаторките 63 годишната Ф.А. и 57 годишната Ѓ.К., како и 35 годишните посвоители И.Ш. и Џ.Ш., сите од Скопје и 35 годишната мајка С.Ј. од Куманово и 38 годишниот татко И.А. од Тетово, постои сомнеж за сторено кривично дело „трговија со дете“.
Според истрагата, лицата ја убедиле родилката која живеела во вонбрачна заедница со нејзиниот невенчан сопруг во замена за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи да реализираат незаконско посвојување на нивното новородено бебе, договорот бил склучен на 17 октомври минатата година. По отпуст од болница, родилката и нејзиното бебе биле прифатени од 63 годишната жена и биле превезени до нивниот дом каде пристигнале пријавените 35 годишни две лица и во својство на „посвоители“ го земале бебето и го однеле во својот дом.
Министерство за внатрешни работи: „Во текот на 2024 и 2025 година, Ф.А. и Ѓ.К. го извршиле делото по пат на незаконско посвојување на новородено бебе. Имено, Ф.А. користејќи ја својата положба на згрижувач на деца, воспоставила контакти со заинтересирани брачни парови. Додека, Ѓ.К., по претходен нивен договор, а поради избегнување на процедурата за посвојување на деца согласно Законот за семејство, ја користела нивната бременост, тешка материјална и социјална состојба. Имено, поради тоа што не можеле да се грижат за нивните новородени деца, ги доведувала родителите во заблуда и ги убедувала да реализираат за одреден паричен надомест и други бенефиции незаконско посвојување на нивното новородено бебе.“
Од министерството за социјална политика, демографија и млади за Тв 24 велат дека за овој случај се постапувало во 2025 година.
Министерство за социјална политика, демографија и млади: „Надлежните служби односно Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во февруари/март 2025 година, за лице со иницијали Ф.А од Скопје, заведено како згрижувач во согласно со законските прописи ги спроведе сите постапки во интерес на децата. Спроведен е инспекциски надзор, на лицето му престанува статусот на згрижувачко семејство, а децата кои биле згрижени во тоа семејство се згрижени во други згрижувачки семејства, исто така бебето кое било жртва на трговија со луѓе е згрижено.“
Според надлежните, преземените дејствија се резултат на координирани меѓусекторски постапки од надлежни државни органи.








