Најновата регионална анализа на хидроморфолошката состојба на реките на Балканот укажува на сериозно и забрзано нарушување на едни од последните речни екосистеми во Европа. За првпат по повеќе од десет години, истражувањето ни дава приказ на споредливи податоци за целиот регион и покажува дека уделот на речиси природни реки значително се намалил – од 30 проценти во 2012 година на само 23 проценти во 2025 година, што претставува загуба од околу 2.450 километри речни текови.
Проценката, изработена во рамки на кампањата „Спаси го синото срце на Европа“, опфати над 83.800 километри реки во 11 балкански земји. Податоците покажуваат дека сериозно изменетите речни делови се во пораст, додека недопрените и малку изменетите континуирано исчезнуваат под притисок на инфраструктурни зафати, хидроенергетски проекти и регулација на коритата.
Од поголемите реки анализирани во студијата, само нешто повеќе од една петтина сè уште може да се сметаат за речиси природни. Околу 43 проценти се со мали интервенции, додека повеќе од една четвртина се умерено до силно изменети. Најтешко погодени се сливовите на Дрина, Неретва, Вардар, Девол и Дрим.
„Долгорочните трендови документирани во оваа студија покажуваат јасен пад на речиси природните речни делови низ Балканот, првенствено предизвикани од зафаќања и големи модификации на реките. Иако регионот сè уште задржува релативно висок удел на недопрени реки, овие трендови укажуваат на растечко отстапување помеѓу сегашните практики за развој и еколошките стандарди потребни според рамките за пристапување кон ЕУ и принципите за одржливо управување со реките“, додава авторот на студијата, д-р Улрих Шварц од Флувиус Виена.
Иако трендот е загрижувачки, експертите нагласуваат дека Балканот и понатаму има далеку поголем удел на зачувани реки во споредба со остатокот од Европа, што му дава уникатна улога како последно големо прибежиште на диви речни екосистеми на континентот.
Вардар меѓу најзагадените реки во светот
Во извештајот меѓу сливовите кои бележат најзначајни меѓутоа негативни промени се наоѓа и реката Вардар. Многу домашни и меѓународни извештаи со години укажуваат на тоа дека оваа река е под силен притисок од индустриско и комунално загадување, нерегулирани испусти, прекумерно зафаќање вода и инфраструктурни интервенции, што сериозно го нарушува нејзиниот еколошки статус.
„Институциите задолжени за мерењето на состојбата на загаденост на Вардар веќе со децении укажуваат дека водата од најголемата македонска река во Македонија е забранета за секаква употреба. Загадувањето е хронично и толку алармантно што во најтоплите месеци кога испарувањата се големи не е пожелно ни да се дише во близина. Според Центарот за јавно здравје кој прави хемиски и бактериолошки испитувања, бактериолошкото загадување на Вардар е проценето на четврта категорија, а хемиското загадување петта категорија.“ велат за „Фокус“ од Зелен Хуман Град.
Делници од Вардар, особено во средниот и долниот тек, се оценуваат како силно деградирани, со значително намалена биолошка разновидност и нарушени природни функции. Реката, која во минатото имала клучна улога во економскиот, еколошкиот и социјалниот живот на населените места долж нејзиното течение, денес во голема мера ја изгубила таа функција.
„ Вардар е чист само на изворот, веднаш по неговиот влез во Гостивар е првиот удар на загадување, а потоа интензитетот се зголемува во Тетово и Скопје и останува висок сѐ до границата со јужниот сосед. И сето ова е очекувано кога институционалниот надзор е сведен на формалност и кога борбата меѓу различните партии што нѐ доведоа до ова дереџе е сведена на кој помалку уништил, наместо кој повеќе ја унапредил состојбата на најважниот македонски воден ресурс.“ велат од ЗХГ.
Од движењето „Зелен хуман град“ посочуваат дека најголемиот дел од загадувањето на Вардар доаѓа од индустриски капацитети и од земјоделските површини долж неговото течение.
„Најсериозен извор е индустриското загадување и загадувањето од земјоделските површини. Хемикалиите, пестицидите, сѐ се тоа соединенија кои многу брзо се распространуваат низ водата и произведуваат трајни последици и врз живиот свет во реката и врз посевите кои се наводнуваат со високозагадената вода и, конечно врз човекот, кој ја консумира таа отровна храна. “ додаваат од ЗХГ.
Според нив, најголем проблем претставува недоволната и неефикасна контрола врз големите индустриски загадувачи. Иако тие имаат најголемо влијание врз состојбата на реката, инспекцискиот надзор често останува формален и реактивен, наместо превентивен.
„Големите компании кои се и најголеми загадувачи се најслабо контролирани. Инспекциските служби освен ако нема некоја хаварија која добила на публицитет и силни реакции од граѓаните, ретко се одлучуваат да изречат казна. Причината за тоа е едно што се лесно поткупливи, а друго што може да бидат и жртви на закани.“ додаваат од ЗХГ.
Од Зелен Хуман Град, додаваат дека без системска борба против загадувањето, силен институционален надзор и вистинска политичка волја, Вардар ќе продолжи да биде симбол на еколошкиот неуспех во земјата, наместо ресурс од витално значење за природата, земјоделството и здравјето на граѓаните.
„Најпрво во градовите во Македонија, а особено во Скопје, мора да се изведат комплетни модерни колекторски системи и функционални прочистителни станици кои редовно ќе се одржуваат и за кои ќе има континуирано обучен и способен кадар. Лондон има прочистителна станица и колекторски систем уште од Викторијанската ера. Системот од колектори покрај Темза ги собира сите отпадни води, ги носи во пречистителната станица која се наоѓа пред вливот во Северното Море и од таму се испуштаат третирани. Проектот бил завршен во период од само 10 години, а во Скопје 200 години подоцна наши сограѓани уште пливаат во нашиот колективен измет. Ригорозно и безмилосно казнување на сите индустриски и секакви други капацитети кои испуштаат непречистени отпадни води.“ додаваат од ЗХГ.








