Австралиската пратеничка Хелен Хејнс (65) остана без двете нозе откако возач намерно ја удрил со автомобил пред нејзината канцеларија во градот Вангарата, во сојузната држава Викторија. Лекарите биле принудени да извршат две ампутации поради тешките повреди, а пратеничката сè уште е во критична, но стабилна состојба.
Нападот се случил во понеделникот, на 19 октомври, кога теренско возило „тојота ленд крузер“ ја удрило пратеничката додека се наоѓала пред својата канцеларија.
Според сведоците, возачот најпрво ја удрил и ја притиснал Хејнс до нејзиниот автомобил, по што возел наназад и повторно се залетал во неа.
Пратеничката со хеликоптер била пренесена во болница во Мелбурн, каде што веднаш била оперирана.
Нејзиниот сопруг Фил Хејнс денеска потврди дека лекарите во понеделникот морале да ѝ ја ампутираат левата нога, додека десната била ампутирана на 21 октомври, откако не успеале обидите да биде спасена.
„Добрата вест во сето ова е што Хелен е жива и нејзината состојба е стабилна. Тоа е најважно за нашето семејство“, изјави нејзиниот сопруг.
За нападот е обвинет 43-годишниот Брендан Њуџент од блиското место Таравинги, кој денеска првпат се појавил пред судот во Вангарата.
Тој се товари за намерно нанесување тешки телесни повреди, опасно управување со возило што предизвикало тешки повреди и напад врз федерален функционер.
Осомничениот не побарал ослободување со кауција и не се изјаснил за вината. Ќе остане во притвор до следното судско рочиште, закажано за февруари 2027 година.
Полицијата смета дека Хејнс била намерна цел на нападот, но мотивот сè уште не е утврден. Во истрагата се вклучени и австралиските безбедносни служби.
Хејнс е независна пратеничка во австралискиот парламент од 2019 година. Таа е позната по ангажманот за развој на руралните заедници, климатските политики и подобрувањето на јавните услуги.
Нападот предизвика реакции во Австралија, каде што политичкото насилство е релативно ретко, а пратениците традиционално имаат непосреден контакт со граѓаните.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе го осуди нападот, додека претставници на опозицијата побараа преиспитување на безбедносните мерки за политичарите.






