Тешко може да се најде заменска култура на тутунот во Македонија од аспект на профитот, рече проф. д-р Златко Арсов од факултетот за земјоделски науки и храна во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Тутунот кај нас се одгледува во различни климатски и почвени услови, поважни се почвените. Тутунот оди на почви бедни, сиромашни, неплодни многу, со мала содржина на хумус и активни хранливи материи, ненаводнување. Тоа се површини на кои други култури тешко би успеале. Дававме некоја предност за афионот, меѓутоа за афионот произлезе дека единствениот откупувач на афион што го имаме во Македонија, го откупува во форма на афионови чушки, не е толку заинтересиран да го прошири своето производство“, вели Арсов.
Професорот Арсов посочи дека и во Македонија се работело на проект за пронаоѓање на алтернативни култури на тутунот.
„Тоа беше кога ја работевме Стратегијата за развој на тутунопроизводството до 2027 година. Предложивме, имавме опити полски, сметавме на Стевија, на некои градинарски култури, како куртовската капија, оваа ајварската пиперка, меѓутоа никоја од тие култури не можеше да даде соодветен финансиски приход како тутунот“, нагласи Арсов.








