Наместо да се вклопи во традиционалната рамка што се очекува од жената во арапскиот свет, саудиската принцеза Дина Алјухани Абдулазиз се избра себеси. Оваа 49-годишна жена стана икона во модниот свет, позната не само по својот впечатлив стил, туку и по храброста да живее автентично.
Иако родена во конзервативно општество, Дина направила избор кој шокирал многумина. Одлучила да не носи хиџаб. На критиките едноставно одговори: „Имам право да изберам“. А нејзиниот избор не остана незабележан. Светот веднаш ја препозна како нова модна ѕвезда.

Родена е во Калифорнија, како ќерка на поранешниот саудиски министер за комуникации Али ал Јухани, а детството го поминала помеѓу Блискиот Исток и Америка. Пораснала во семејство каде што образованието се ценело. Нејзиниот татко бил универзитетски професор, а и самата Дина завршила неколку факултети во САД.
Љубовта кон модата се разбудила уште кога била дете, кога првпат го зела в раце британското списание „Tatler“. Вели дека тогаш ја обзела фасцинација: „Си помислив – што е ова? Морам сè да дознаам!“.

Нејзината мајка, која обожувала да се облекува убаво, ѝ била првата инспирација. Дина истакнува дека жените во Саудиска Арабија и тоа како разбираат од мода, но за тоа не се зборува јавно: „Тие купуваат посебни парчиња, ги следат трендовите, но не се фотографираат, бидејќи тоа се смета за непристојно“.

Како уредничка на арапското издание на магазинот „Vogue“, принцезата внела свежина и софистицираност. Сепак, не останала долго. По само два броја, се разделила со издавачот поради различни гледишта околу концептот и содржината.
Во брак е со принцот Султан бин Фахад бин Насер бин Абдулазиз, а нивната љубов често може да се види на нејзиниот Инстаграм профил, преку дискретни објави.









