Полицијата на Косово соопшти нови детали за апсењето на лице осомничено за шпионажа, кое било лишено од слобода на граничниот премин Мердаре.
Станува збор за Ф. С., кој по одлука на Специјалното обвинителство е задржан во полициски притвор 48 часа.
По апсењето, истражители од Дирекцијата за истрага на организиран криминал и тешки кривични дела, со судски налог, извршиле претрес во домот на осомничениот во Драгаш.
При претресот биле пронајдени и запленети 39.500 евра во готовина, 500 динари, четири мобилни телефони, како и различни документи кои, според полицијата, се релевантни за истрагата.
Од Специјалното обвинителство најавуваат дека во законски предвидениот рок ќе поднесат барање до Основниот суд во Приштина за определување мерка притвор за осомничениот.
Полицијата на Косово, Специјалното обвинителство и другите безбедносни институции продолжуваат со преземање на мерки и собирање докази во рамки на истрагата за случајот.
Осомничениот се товари за кривично дело „шпионажа“, а понатамошниот тек на постапката ќе зависи од собраните докази и одлуките на надлежните институции.
Извор: ТВ21






