Компанијата од Купертино бара нови добавувачи на меморија поради глобалниот недостиг на чипови, но соработката со кинеските производители носи и политички ризици.
Пред неколку дена се појавија извештаи дека Apple размислува да користи кинески RAM мемории од компаниите ChangXin Memory Technologies (CXMT) и Yangtze Memory Technologies (YMTC), а сега компанијата веќе тестира DRAM мемориски чипови произведени од CXMT. Сепак, постои една важна работа. Наводно, Apple би користел кинески RAM мемории само во уреди кои ќе се продаваат на кинескиот пазар.
Ова би можело да биде начин да се намали негативната реакција што би можела да следи од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, со оглед на тоа дека американската влада ги додаде и CXMT и YMTC на својата „црна листа“, која опфаќа компании за кои се смета дека имаат врски со кинеската војска.

Работењето со овие компании не е нелегално, но за Apple тоа не би изгледало добро. Сепак, доколку кинескиот RAM го купува само за уреди што се продаваат во Кина, можно е Доналд Трамп да има поблага реакција. Затоа останува да се види што ќе се случи.
Сето ова очигледно е поврзано со актуелната криза на пазарот на RAM мемории, која постои поради фактот што AI дата-центрите „голтаат“ речиси целата достапна понуда на мемориски чипови од производители надвор од Кина.
Сепак, за Apple се наведува дека уште од 2022 година ги проценува NAND мемориските чипови на компанијата YMTC, што значи дека компанијата од Купертино дефинитивно веќе со години го следи кинескиот пазар на мемории.






