Драматичниот апел за исчезнувањето на скопјанецот Љупчо, по кого семејството и блиските интензивно трагаат веќе десет дена, прерасна во сериозна реакција и барање одговорност од надлежните институции. Неговиот внук Дарко преку јавна објава упати алармантни тврдења дека семејството и станарите од зградата во која живеел повеќепати официјално предупредувале и барале помош од полицијата поради неговите здравствени проблеми.
Според неговите зборови, во периодот пред исчезнувањето Љупчо прекинал да ја зема редовната терапија, по што почнал да се губи и да се однесува непредвидливо, а сите пријави биле поднесувани исклучиво со цел да му се обезбеди навремена медицинска нега и да се спречи евентуална трагедија.
Тврдењата на семејството укажуваат на сериозни системски пропусти и префрлање на одговорноста во моментите кога барале соодветна институционална реакција. Дарко истакнува дека при обидите да обезбедат хоспитализација, од полицијата најпрво им било побарано да обезбедат упат од матичен лекар, но откако ја приложиле целата потребна документација, добиле одговор дека нема слободни капацитети за сместувачки престој поради реновирање на болницата.
Дополнително, при една од последните интервенции, од полициската станица им било соопштено дека надлежните немаат правен основ за постапување доколку лицето во моментот е мирно, што го оставило семејството prepуштено само на себе.
Денес, десет дена по неговото исчезнување, семејството самостојно се организира, проверува локации, собира информации и секојдневно апелира до граѓаните, поставувајќи го отворено прашањето каде бил системот кога се барала помош.
Семејството изразува огромен страв за неговиот живот и безбедност, со оглед на тоа што тој се наоѓа во состојба во која не може самостојно да си помогне, најавувајќи дека ќе бараат целосно расчистување на случајот за да не им се случи истото и на други граѓани.
Случајот е официјално пријавен во Секторот за внатрешни работи Скопје, од каде што велат дека се преземаат сите законски мерки за негово пронаоѓање, додека семејството апелира до сите кои имаат каква било информација да се јават на телефонскиот број 073-717-090 или во најблиската полициска станица.






