Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе бираат заменик-претседател на Комисијата, на денешната 21 седница.
Во моментов, антикорупциската комисија нема претседател, а откако Татјана Димитровска, која е обвинета за две кривични дела, под притисок на јавноста си поднесе оставка.
По оставката на Димитровска, Собранието ја отпочна процедурата за избор на нов претседател, но вчера, Законодавниот дом одлучи да ја сопре постапката бидејќи веќе се распишани изборите.
„Согласно Известувањето од Државната комисија за спречување на корупцијата, доставено до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, а истовремено имајќи ги во предвид член 8-а и 8-б од Изборниот законик и членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја запира постапката за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Постапката ќе продолжи по завршување на Локалните избори во Република Северна Македонија 2025 година, односно по завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, и конституирање на советот на општините и градот Скопје“, соопшти Собранието.
Денешната седница е предвидено да почне во 12 часот на комуникациската платформа „Зум“.







