Одлуката за воведување ограничувања за движење во шумите не значи целосна забрана за граѓаните да влегуваат во шумски предели, туку воведување задолжителна евиденција преку издавање дозволи, појасни директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, мерката е превентивна и има цел да се намали ризикот од појава и ширење на шумски пожари во периодот со високи температури.
„Движењето во шума всушност не се забранува, само се воведува обврска да се извади дозвола која служи за евиденција“, изјави Ангелов.
Мерката следува во период кога високите температури и сувото време го зголемуваат ризикот од пожари на отворен простор. Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожар.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство претходно информираа дека ограничувањето е воведено согласно Законот за шумите, поради зголемена опасност од шумски пожари. Одлуката ќе се применува во периодот од 1 јули до 31 август 2026 година.








