Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информира дека се проширува опсегот на електронски услуги за компаниите со само еден клик. Андоновски преку објава на социјалните мрежи соопшти дека винарниците и другите правни лица можат електронски да добијат Уверение за квалитет В1 – сертификат за извоз на вино од Државниот инспекторат за земјоделство.
– Наместо посета на шалтер и дополнителна административна постапка, барањето може да се поднесе онлајн преку Националниот портал uslugi.gov.mk. Побрза постапка, помалку бирократија и полесен пат до извозните пазари – напиша министерот.
Со секоја нова е-услуга, како што нагласува Андоновски, создаваме поефикасна администрација и подобри услови за компаниите да произведуваат, извезуваат и растат.






