Албанија остро ги осуди изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Косово е дел од Србија, како и зборовите на министерката за државна администрација Снежана Пауновиќ во врска со етничкото чистење во Косово.
На заедничката прес-конференција во Тирана со хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман, албанскиот министер за надворешни работи Ферит Хоџа ја нагласи важноста на дијалогот меѓу Косово и Србија.
„Овој процес не може да се гради врз историски ревизионизам, негирање на фактите, величење на воените злосторници или националистичка и раздорна реторика, како и врз неприфатливи изјави што ги тривијализираат, оправдуваат или повторуваат воените злосторства и политиките осудени и од меѓународната правда и од човечката совест“, рече Хоџа.
Врвниот дипломат на Албанија, исто така, одговори на критиките на Вучиќ за трилатералниот договор за воена соработка меѓу Албанија, Хрватска и Косово.
„Нашите билатерални, трилатерални или други форми на координација не треба никого да загрижуваат, ниту да се користат како оправдување за милитаризација на државата и општеството, а уште помалку за поттикнување опасни конфликти и оживување на застарени повици за територијални претензии. Ниту еден обид за оживување на поделбите од минатото, за поттикнување тензии или за спречување на помирувањето и соработката нема да успее да го врати регионот назад или да ѝ наштети на нашата заедничка европска иднина“, нагласи тој.
Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ-Радман, рече дека трилатералниот договор има за цел продлабочување на регионалната соработка и партнерство меѓу пријателските земји.






