Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на панел дискусијата насловена „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани”, во рамки на Седмиот состанок на Европската политичка заедница којшто се одржува во Копенхаген, Данска.
Споменувајќи ги војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и транснационалните закани, односно организираниот криминал, нелегалната миграција, сајбер нападите и злоупотребата на вештачката интелигенција, како предизвици за мирот и стабилноста на Европа, Сиљановска-Давкова истакна дека државава во сите горенаведени случаи прави напори да делува конструктивно.
Истовремено, таа посочи дека европскиот континент не е безбеден сè додека земјите од Западен Балкан се надвор од Унијата и додаде дека евроинтеграцијата на регионот мора да се заснова исклучиво на Копенхагенските критериуми.
Во однос на македонскиот евроинтегративен пат, Сиљановска-Давкова потенцираше дека не е логично ЕУ себеси да се дефинира како „единство на различности” и почитување на културните, јазичните и националните идентитети, а од нас да бара да преговараме за својата историја, култура и јазик.
Затоа, заклучи во своето обраќање претседателката ,,Ако ЕУ сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум”.








