Неверојатни сцени во Бразил, откако напаѓачот на Васко да Гама, Давид Кореа да Фонсека, познат како ДВД, бил уапсен во тренинг-центарот на клубот во Рио де Жанеиро, додека тимот се подготвувал за тренинг. Полициските службеници пристигнале со две возила и го привеле фудбалерот пред неговите соиграчи.
Апсењето е дел од втората фаза на операцијата „А Тропа“, која ја води полицијата во сојузната држава Еспирито Санто. Истрагата опфаќа сомнежи за поврзаност со организирана криминална група, трговија со дрога и оружје, обиди за убиство и перење пари. Според истражителите, Давид и уште еден фудбалер, Хајнер Вилијам Монжардим Кордеиро, се осомничени и за обиди да влијаат врз сведоци со понуди на пари и закани.
Од Васко да Гама соопштија дека на играчот му е ставен на располагање правниот тим на клубот и дека ќе ги следат понатамошните случувања.






