Македонија ќе продолжи да ги спроведува реформите, но нема да прифати билатералните прашања да се претставуваат како пречка на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски пред самитот ЕУ – Западен Балкан, кој денеска се одржува во Брисел, одговарајќи на новинарски прашања за застојот во процесот на европска интеграција и последните пораки од Брисел.
Мицкоски не се согласува со оценката дека Албанија и Црна Гора напредуваат побрзо од Македонија. Тој повторно се повика на својата претходна изјава за автобусот што се ниша, со која го опиша нивниот процес на европска интеграција.
„Не би се согласил дека тие одат пред нас. Сметам дека не е баш така. Ќе се навратам на мојата изјава за автобусот што се ниша. Така во моментов изгледа нивниот пат кон ЕУ, и на Црна Гора и на Албанија. Ние, пак, спроведуваме реформи и навистина сме лидери кога станува збор за Реформската агенда“, изјави Мицкоски.
Премиерот не сакаше директно да ја коментира последната изјава на генералниот директор за проширување и соседство во Европската комисија, Герт Јан Купман, кој оцени дека блокадата на европската интеграција на Македонија е во Скопје, а не во Европската Унија.
Мицкоски го нарече Купман пријател на Македонија, нагласувајќи дека Владата високо го цени неговиот придонес во спроведувањето на Реформската агенда. Најави дека во текот на денот ќе одржат работна средба преку видеоврска, на која повторно ќе се разгледува исполнувањето на реформските обврски. Исто така, очекува да се сретне со него и во Брисел.
„Ние сме фокусирани на напредокот преку спроведување на реформите, додека билатералните прашања, за жал, се реалност создадена од претходната власт. Но, одбиваме да разговараме за билатералните прашања како за пречка на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ“, истакна премиерот.
Тој ја повтори подготвеноста на Владата за дијалог со европските партнери и со земјите со кои Македонија има отворени билатерални прашања, но оцени дека во моментов од другата страна нема интерес.
„Подготвени сме, заедно со ЕУ и со оние со кои имаме нерешени билатерални односи, доколку е потребно, да седнеме во рамките на овој процес, каде било, во кое било време и за која било тема. За жал, како што гледаме, од другата страна нема интерес. Ние ќе продолжиме да ги исполнуваме обврските што ги имаме во земјата“, заклучи Мицкоски.






