Зголемувањето на бројот на пријави за насилство може да биде резултат на поголемата свесност кај жртвите, но истовремено може да укажува и на зголемено присуство на насилство во општеството. Ова го истакна јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Коментирајќи ги информациите за зголемен број пријавени случаи, Андонова посочи дека постојат две можни објаснувања за ваквата состојба, објави 4news.mk
Од една страна, поголемата информираност, кампањите за подигнување на јавната свест и охрабрувањето на жртвите придонесуваат сè повеќе луѓе да се осмелат да го пријават насилството.
Од друга страна, растот на бројките може да биде показател и за зголемен број вистински случаи на насилство и агресивно однесување.
„Зголемувањето на бројките може да биде резултат на сè поголемата активност во делот на подигнување на свеста, препознавањето на проблемот и охрабрувањето на оние кои се жртви на насилство“, објасни Андонова.
На прашањето дали смета дека насилството навистина е во пораст во Македонија, обвинителката одговори дека нејзината лична перцепција е дека тоа станува сè поприсутно.
Таа особено го издвои однесувањето на децата и младите, кај кои, според неа, агресивните модели на однесување се загрижувачка појава.
Андонова нагласи дека проблемот не може да се разгледува само преку статистичките податоци, туку е потребно да се испитаат причините за насилството, неговото препознавање и начините на превенција.
Според неа, подигнувањето на јавната свест е значаен чекор, но суштинската задача на институциите и општеството е да се спречи насилството пред да предизвика сериозни последици.
Навремената реакција на полицијата во случаи на семејно и родово базирано насилство може да биде пресудна за заштита на животот и безбедноста на жртвата. Особено ризични се ситуациите кога насилството се пријавува директно од домот, каде што жртвата може да биде изложена на непосредна опасност.
Ова го истакна јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, објаснувајќи ги обврските на институциите при постапување по пријави за насилство, објави 4news.mk
Според Андонова, законските измени и меѓународните обврски што ги презела државата налагаат институциите да постапуваат итно, со должно внимание и со приоритетна заштита на жртвата.
Таа нагласи дека од моментот кога жртвата ќе се осмели да пријави насилство, започнува целокупниот механизам на институционално постапување.
„Времето на пристигнување и интервенирање на полициските службеници во многу случаи може да биде круцијално“, предупреди Андонова.
Обвинителката објасни дека еден од најважните чекори при полициската интервенција е изготвувањето проценка на ризик, со која се утврдува дали постои сериозна опасност по животот, физичкиот или психичкиот интегритет на жртвата.
При проценката се разгледуваат околностите под кои се случило насилството, претходните пријави, можните закани, контролирачкото однесување, употребата на алкохол или наркотични средства, како и присуството на деца и други сведоци.
Особено внимание се посветува на информациите дали пријавениот сторител поседува оружје.
„Тоа е индикатор кој го зголемува ризикот оружјето дополнително да биде употребено“, посочи Андонова.
Таа објасни дека кога ќе се утврди дека сторителот има пристап до оружје, се преземаат активности за да му се оневозможи неговата употреба и да се спречат потешки последици.
Според обвинителката, правилната и навремена проценка на опасноста е од суштинско значење за понатамошното постапување на институциите и за безбедноста на жртвата.
Пријавувањето семејно или родово базирано насилство активира низа законски обврски за полициските службеници, меѓу кои изготвување службен извештај и известување на надлежниот јавен обвинител во предвидените рокови.
Ова го објасни јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за институционалните механизми за заштита на жртвите, објави 4news.mk
Според Андонова, полицијата има обврска сериозно да ја прими и евидентира секоја пријава, да ги утврди околностите на настанот и да ги преземе неопходните активности за заштита на загрозените лица.
Таа посочи дека полицискиот службеник треба да изготви извештај за преземените дејствија во рок од 12 часа по пријавувањето на настанот.
„Во рок од 12 часа треба да се изготви полициски извештај за сите дејствија и активности што се преземаат по повод пријавата од жртвата“, истакна Андонова.
Во истиот рок, како што објасни, треба да биде известен и надлежниот јавен обвинител, кој дава понатамошни насоки и наредби за постапувањето.
Меѓутоа, обвинителката нагласи дека работата на полицијата не завршува само со документирањето на случајот.
Неопходно е да биде известен и Центарот за социјални работи, особено во случаи кога во домот се присутни деца или кога жртвата има потреба од дополнителна заштита.
Според Андонова, пријавувањето насилство не мора секогаш да се врши директно во полициска станица. Таа посочи дека жртвите можат да се обратат и во Центарот за социјални работи, Јавното обвинителство, преку невладини организации или СОС-линии.
„Пријавата е иницијалниот момент. Оттука почнува постапувањето на институциите“, нагласи обвинителката.
Таа порача дека сите надлежни институции мора да бидат меѓусебно координирани, бидејќи само навремената размена на информации и заедничкото постапување можат да обезбедат соодветна заштита за жртвите.
Децата кои секојдневно се сведоци на семејно насилство во одредени случаи самите се охрабруваат да го пријават насилникот, особено кога нивните мајки, поради страв, економска зависност или долготрајна изложеност на насилство, не успеваат да го направат тоа.
На ваквата појава укажа јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за психолошките последици од семејното насилство, објави 4news.mk
Андонова објасни дека постојат случаи во кои децата се јавуваат како пријавители на насилство што се случува во нивниот дом.
„Има такви случаи. Децата кои биле постојано изложени на насилство ја гледаат немоќта на нивната мајка, нејзината преголема економска и материјална зависност“, истакна обвинителката.
Според неа, долготрајното насилство може да предизвика сериозни психолошки последици кај жртвата, која со текот на времето може да развие чувство дека нема излез од ситуацијата.
Таа посочи дека во такви околности жртвата понекогаш го прифаќа насилното однесување како дел од секојдневието, убедена дека не постои можност за промена.
„Децата се можеби малку похрабри во одредени такви ситуации и можат да се јават како пријавители на настанот“, објасни Андонова.
Обвинителката нагласи дека децата кои живеат во средина исполнета со насилство не се само сведоци на случувањата, туку и лица кои можат да претрпат сериозни последици од таквото искуство.
Според неа, институциите мора да го имаат предвид и нивниот интерес при секоја интервенција во случаи на семејно насилство.
Андонова порача дека препознавањето на ризиците и навременото постапување се особено важни за заштита и на жените и на децата кои живеат во насилна семејна средина.
Секоја пријава за семејно насилство, без разлика дали е поднесена од жртвата, сосед или анонимно, е основа за проверки од страна на надлежните институции. Особено значајни се претходните пријави за насилство на иста адреса, бидејќи можат да укажат дека станува збор за повторувачки настани, а не за изолиран случај.
Ова го посочи обвинителката Спасенка Андонова во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, објаснувајќи како обвинителството постапува кога добива информации за семејно насилство и на кој начин се проверуваат околностите пред да се донесе одлука за понатамошно постапување, објави 4news.mk
Андонова отвори и едно важно прашање – доколку сосед пред три месеци пријавил насилство на одредена адреса, а денеска пристигне нова пријава за семејно насилство на истата адреса, дали обвинителството веднаш ги има двете информации или дополнително треба да ги побара претходните евиденции.
Таа појасни дека секоја пријава, па дури и известување или анонимна пријава што ќе пристигне до обвинителството, се проверува. Проверките најчесто се вршат преку Министерството за внатрешни работи, а зависно од случајот може да се побараат информации и од центрите за социјална работа.
„Доколку добиете веќе податоци дека на таа адреса многу пати е сигнализирано дека нешто се случува, се врши проверка на лицата кои живеат на таа адреса“, објасни Андонова.
Во тие проверки, значајна улога можат да имаат и соседите, односно лицата кои претходно забележале, слушнале или биле сведоци на одредени настани, но не ги пријавиле официјално. Нивните сознанија можат да помогнат во реконструкцијата на претходните случувања и утврдувањето на околностите.
Според Андонова, понатамошното постапување зависи од обемот на достапните информации, бројот на инволвирани лица и потребата од дополнителни докази, изјави и материјална документација.
Консумирањето алкохол и наркотични средства е еден од значајните ризични фактори што треба да се испитаат при постапувањето во случаи на семејно насилство, но зависноста не може да претставува оправдување за насилничкото однесување.
Ова го истакна јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, објаснувајќи кои информации се важни при проценката на опасноста за жртвата, објави 4news.mk
Според Андонова, при првиот контакт со жртвата, полициските службеници треба да утврдат дали насилството се случувало и претходно, колку често се повторувало и дали сторителот бил под дејство на алкохол или наркотични средства.
Таа посочи дека во голем број случаи се забележува поврзаност меѓу насилничкото однесување и претходното консумирање алкохол или дрога.
Во одредени ситуации, како што објасни, насилното однесување може да се манифестира и кога зависното лице не може да дојде до супстанцијата што ја користи.
„Тој податок се добива од жртвата и добро е веднаш да се провери дали насилникот дејствијата ги презема во состојба на зависност, односно по претходно консумирање алкохол и наркотици“, нагласи Андонова.
Обвинителката потенцираше дека ваквите околности не треба да се користат за намалување на сериозноста на насилството.
„Тоа не е елемент на ослободување или полесно гледање на неговото однесување“, посочи таа.
Според Андонова, утврдувањето на евентуална зависност е значајно бидејќи може да укаже на потребата од дополнителни мерки кон сторителот, вклучително и задолжително лекување, кога за тоа се исполнети условите.
Таа нагласи дека институционалното постапување треба да биде насочено не само кон утврдување одговорност за насилството, туку и кон препознавање на ризичните фактори што можат да доведат до негово повторување.
Кривичната пријава е само почеток на постапката, а правната квалификација наведена во неа не мора да биде и конечната квалификација на кривичното дело. Јавниот обвинител има обврска да ги провери наводите, да ги прибере доказите и врз основа на нив да оцени за кое кривично дело постојат елементи.
Ова го истакна обвинителката Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за можноста за промена на правната квалификација во предметите поврзани со насилство, особено кога во текот на истрагата се обезбедуваат нови докази, објави 4news.mk
Андонова објасни дека лицето или институцијата што поднесува кривична пријава може да наведе конкретен сторител и кривично дело за кое смета дека постојат основи за постапување. Но, тоа не значи дека обвинителот мора да ја прифати таквата квалификација.
„Јавниот обвинител не е врзан за правната квалификација која е наведена во кривичната пријава, но е врзан за доказите коишто ќе ги обезбеди во постапката“, посочи Андонова.
Таа нагласи дека доказите се тие што ја креираат постапката и го определуваат понатамошното одлучување, односно дали станува збор за телесна повреда, насилство, обид за убиство или друго кривично дело.
Како пример, Андонова го посочи случајот во Охрид, каде што по поднесувањето на кривичната пријава и дополнителното прибирање докази и информации, обвинителството побарало притвор за осомничениот, иако претходно биле определени мерки на претпазливост.
Таа појасни дека првичната квалификација може да се разликува од онаа што обвинителството ќе ја утврди по извршените проверки. Промената може да се случи и подоцна, откако веќе ќе биде поднесено обвинение, доколку во текот на судската постапка се појави потреба од поинаква правна квалификација.
„Тоа е еден динамичен процес. Доказите се тие кои што ја креираат правната квалификација“, нагласи обвинителката.
Соседите кои слушнале расправии, забележале насилство или биле сведоци на претходни случувања можат да имаат значајна улога во расветлувањето на случаите на семејно насилство. Дури и кога претходните настани не биле официјално пријавени, нивните сознанија можат да бидат дел од проверките што ги презема обвинителството.
Обвинителката Спасенка Андонова во „Ноќно студио“ на 4ТВ објасни дека при постапување по пријава за семејно насилство, надлежните не се ограничуваат само на конкретниот настан, туку може да ги проверуваат и претходните информации за случувања на истата адреса, објави 4news.mk
Доколку се утврди дека и претходно имало пријави или сигнали за насилство, се вршат проверки на лицата кои живеат на адресата, но и разговори со лицата кои ги пријавиле настаните.
Андонова посочи дека соседите можеби биле сведоци на претходни случувања, слушнале нешто или забележале одредени околности, но не поднеле официјална пријава. Токму затоа, нивните сознанија можат да бидат важни за да се добие поширока слика за тоа што се случувало.
Проверките се вршат преку МВР, а во зависност од добиените информации може да се побараат и податоци од центрите за социјална работа. Понатамошното постапување зависи од тоа што ќе утврдат надлежните и дали ќе биде потребно вклучување на дополнителни лица и прибирање други докази.
Според Андонова, историјата на пријави и претходните сознанија можат да бидат важен дел од утврдувањето на околностите во еден предмет.






