домаМакедонијаСе штеди на храна, се откажуваат одмори и дружења: Поскапувањата го менуваат...

Се штеди на храна, се откажуваат одмори и дружења: Поскапувањата го менуваат животот на граѓаните

- Advertisement -spot_img

Поскапувањата не влијаат само врз тоа што купуваат луѓето, туку и врз нивните дружења, семејни односи и планови за иднината. Во анкета спроведена од 16 до 20 ноември 2026 година, 17 од вкупно 22 испитаници одговориле дека нивното домаќинство потешко ги покрива основните месечни трошоци отколку пред една година. Деветмина навеле дека состојбата е многу потешка, а осуммина дека е малку потешка. Анкетата не е репрезентативна за целото население, но покажува како финансискиот притисок го менува секојдневието на дел од испитаниците, понекогаш принудувајќи ги да се откажуваат и од основни потреби.

Храната и основните производи се најчесто посочуваниот трошок. Од 21 испитаник што одговориле на ова прашање, 20 ја издвоиле храната, 13 струјата, водата и греењето, а 11 горивото и превозот. Дури 21 од вкупно 22 испитаници навеле дека понекогаш или често купувале поевтини производи наместо вообичаените. Деветмина одговориле дека поради трошоците понекогаш или често купувале помалку храна или прескокнувале оброци, додека седуммина со истата зачестеност одложувале лекарски преглед или купување лекови.

Финансиските ограничувања се одразуваат и врз слободното време. Деветнаесет испитаници понекогаш или често ги намалувале излегувањата и посетите на ресторани, 14 се откажувале од одмор или патување, а исто толку ги намалувале трошоците за прослави и семејни собири. Еден учесник како најголема промена го посочил намаленото излегување, друг навел дека работи дополнителна работа, додека трет објаснил дека купува основни намирници на попуст и избегнува одредени домашни активности кога електричната енергија е поскапа.

Професорката Јасна Бачовска Недиќ, која предава социологија на правото на Правниот факултет „Јустинијан Први“, објаснува дека поскапувањата можат да создадат поделба не само меѓу богатите и сиромашните, туку и меѓу луѓето што можат да си дозволат предвидлив живот и оние што постојано мора да се откажуваат од нешто. Според неа, економската несигурност постепено ја зафаќа и средната класа, бидејќи редовните приходи не значат секогаш можност за заштеда, непланиран трошок или вообичаени семејни активности.

„Не би рекла дека овие навики целосно исчезнуваат, но несомнено го менуваат својот облик“, вели Бачовска Недиќ. Таа посочува дека семејните прослави, свадбите и пријателските средби имаат значење што оди подалеку од забавата. Кога трошоците растат, луѓето организираат помали прослави, поретко излегуваат или избираат поевтини начини на дружење. Понекогаш зад одбивањето покани стои финансиска непријатност за која не сакаат јавно да зборуваат, што може да доведе до повлекување и чувство на исклученост. Професорката нагласува дека треба да се разликува доброволното поедноставување на животните навики од откажувањето поради недостиг од пари.

Финансискиот притисок се чувствува и на психолошки план. Шеснаесет испитаници навеле дека понекогаш или често чувствуваат стрес или вознемиреност поврзани со пари, 14 несигурност кога размислуваат за иднината, а по 13 испитаници пријавиле страв дека нема да имаат доволно за основните потреби и вина кога трошат за лично задоволство. Десетмина одговориле дека понекогаш или често имале несогласувања во домот поради финансии, а исто толку чувствувале срам или непријатност поради сопствената финансиска состојба.

Љупка Топаловска, психолог и психотерапевт под супервизија, објаснува дека долготрајната финансиска неизвесност може да предизвика раздразливост, нетрпеливост, чувство на беспомошност и повлекување од блиските, но дека реакциите зависат од животните искуства и поддршката што ја има секој човек.

„Не сметам дека поскапувањата нужно ја менуваат личноста“, вели Топаловска. Според неа, економските тешкотии не мора да ги променат вредностите на човекот, но можат да влијаат врз неговите приоритети и секојдневното однесување. Кај некои луѓе финансиските ограничувања можат да предизвикаат незадоволство и намалена мотивација, додека кај други поттикнуваат поголемо приспособување. Таа посочува дека долготрајната неизвесност може да создаде и страв од трошење, кој кај одредени луѓе продолжува дури и по подобрувањето на финансиската состојба. Сепак, нагласува дека не може да се генерализира дека сите реагираат еднакво, бидејќи некои се повлекуваат, а други бараат поголема поддршка од блиските.

Последиците од финансиската неизвесност можат да се почувствуваат и при донесувањето важни животни одлуки. Во анкетата петмина испитаници навеле дека барем ретко одложувале самостојно живеење или преселба, а исто толку одложувале планови поврзани со образование, брак, деца или сопствен дом. Бачовска Недиќ објаснува дека младите не остануваат секогаш да живеат со родителите само поради традицијата. Кога млад човек има работа, но не може самостојно да ги покрива киријата, сметките и основните трошоци, заедничкото живеење може да биде економска нужност. Притоа, младите што имаат семејна и имотна поддршка располагаат со поинакви можности од оние што ја немаат.

Дека високите трошоци се широко распространета грижа покажува и истражувањето „SecuriMeter 2026“ на Советот за регионална соработка. Според резултатите, 93,8 проценти од испитаниците во Македонија изразиле загриженост за трошоците за живот и инфлацијата, оценувајќи ја со најмалку шест на скала од еден до десет. Истражувањето опфатило 1.000 испитаници од Македонија. Според Сојузот на синдикатите на Македонија, синдикалната минимална кошница во ноември достигнала 70.827 денари, за 469 денари повеќе од октомври. Просечната нето-плата во септември изнесувала 49.141 денар, додека годишната инфлација во октомври била 3,3 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Кошницата ги проценува трошоците за четиричлено семејство, а просечната плата се однесува на еден вработен, па двата износа не се директно споредливи.

Бачовска Недиќ предупредува дека долготрајната материјална несигурност може постепено да ја промени претставата за нормален живот. Одморите, рестораните, културните настани и семејните патувања, кои некогаш биле вообичаени активности, за дел од луѓето стануваат трошоци што сè потешко можат да си ги дозволат. Според професорката, проблемот не е само во намалената потрошувачка, туку и во ограничените можности за учество во општествениот живот.

„Општество што постојано живее ‘од први до први’ тешко може да гради стабилна визија за иднината“, заклучува Бачовска Недиќ.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img